информации од јавен карактерОбраќање на д-р Томислав Тунтев, Директор на АЦВ

Почитувани,

Добивањето на уште еден четиригодишен мандат, да раководам со Агенцијата за цивилно воздухопловство, за мене преставува вистинска чест, големо задоволство, но и врвен предизвик да продолжам да го вложувам сиот свој личен, стручен и интелектуален потенцијал во интензивирање на развојните стремежи на македонското цивилно воздухопловство, да стане респектибилен партнер во семејството на современите европски и светски воздухопловни партнери. Од друга страна, повторниот избор претставува несомнена потврда и признание за успешноста и реализираноста на утврдената деловна политика во изминатиот четиригодишен мандат.

Гледано низ призмата на периодот зад нас, исполнет со серија од предизвици, кои наложуваа силна и максимална одговорност за успешно справување со последиците од Ковид пандемијата, во новиот мандат влегувам со позитивна мисла и висок степен на ентузијазам, македонското цивилно воздухопловство да го вратиме на пиедесталот кој значи високо развиена општествено економска гранка. Дејност, која ќе преставува вистински предизвик за привлекување на младите и перспективни генерации.

Со креирање на современи, развојни политики, како и фукционална менаџерска политика, во претстојниот четиригодишен период, ќе продолжиме доследни на курсот на работа и развој, во функција на обезбедување безбеден, ефикасен, и сигурен воздушен транспорт на луѓе и стоки. Унапредување на кадровскиот и технички потенцијал на АЦВ, како и интензивирање на процесите на имплементација и усогласување на домашното со европското законодавство остануваат врвен приоритет, јасно дефиниран во стратешките определби и развојни компоненти на Агенцијата. Во целосна констелација и почитување на меѓународните правила и стандарди, со однапред усвоена платформа, остануваме посветени на процесот на стручна обука и едукација на воздухопловниот кадар, како во духот на развиените технолошки достигнувања, така и преку одржување редовни едукативни обуки, средби и конференциски врски, во соработка и поддршка со нашите европски воздухопловни партнери.

Истовремено, ќе продолжиме во континуитет со високо професионален и стручен надзор врз работата на сите субјекти во македонската авиоиндустрија, со што ќе обезбедиме уреден, безбеден и еколошки одржлив воздушен транспорт, во согласност со меѓународните правила и стандарди, а достапен под еднакви услови за сите. Регионалната соработка, со воздухопловните власти од државите на Балканот и Југоисточна Европа, и понатаму останува еден од приоритетите на деловната политика на АЦВ, што ќе овозможи ефикасна и делотворна интеграција на македонскиот воздухопловен транспортен систем во европските и глобалните современи воздухопловни текови.

Со силна волја и позитивна енергија на сите чинители на воздухопловната индустрија, полека но сигурно, успеваме да ја вратиме вербата на патниците во безбедното патување со авион, од здравствен аспект, како пред пандемијата, а со тоа и директно да влијаеме врз обновата на воздухопловната транспортна мрежа, која на својата воздушна мапа повторно нотира стотици илјади воздушни линии, милијарди превезени патници, како што впрочем и му доликува на современиот начин на општествено живеење, со развиени комуникациски вредности, трансфер на патници и стока, својствени за 21 век.

 

Со почит,

д-р Томислав Тунтев

Директор на АЦВ

Skip to content