Вести

  • |

МИА, 27.02.2010


Вежба на МВР по наводна пријава за бомба во воздухоплов цел на терористички напад


Министерството за внатрешни работи вчера реализираше вежба на аеродромот „Александар Велики“ постапувајќи по наводна пријава за поставена бомба во воздухоплов кој бил цел на терористички напад.

Симулацијата на координирана реакција, при принудно слетување на авион траеше од 10 до 11:30 часот, време во кое аеродромот беше затворен за авиосообраќај, соопшти денеска МВР. Во вежбата учествува околу 130 припадници на Одделот за антитероризам при Управата за безбедност и контраразузнавање, како и припадници на единиците за специјални задачи и за брзо распоредување. Според предвиденото сценарио, во авионот Боинг 737-300 кој полетал од Брисел, пилотите пријавиле присуство на сомнително лице помеѓу патниците и потенцијална закана од поставен експлозив во багажниот простор.

Во најкус можен рок по добивањето на пријавата е исчистен теренот и се направени сите подготовки за принудно слетување на скопскиот аеродром, а максимално брзо се мобилизирани екипите за антитероризам и специјалните полициски единици. По успешното слетување на авионот, тој е обезбеден на дел од аеродромот каде не би можел да ги загрози останатите воздухоплови. По обезбедување на скиците на авионот е направен план за упад на специјалните единици, безбедно евакуирање на останатите патници, лишување од слобода на „терористот“ и пронаоѓање на „експлозивната направа“. Припадниците на ЕСЗ и ЕБР најпрвин обезбедија обрач околу воздухопловот, а потоа влегоа и во внатрешноста. Веднаш по влегувањето започната е евакуација на 107-те патници во авионот и на кабинскиот персонал, а врз основа на оперативните сознанија меѓу патниците е идентификуван и „терористот“. Од него најпрвин се одземени мобилните телефони и другите уреди кои би можеле да му послужат за активирање на експлозивот, а потоа е обезбеден и спроведен во Полициска станица. Паралелно со упадот на специјалните единици, екипите на Антитероризам започнаа со празнење и проверка на багажниот простор. Со помош на техниката во еден од куферите е детектирана експлозивна направа. Куферот е пренесен на безбедна оддалеченост, а експлозивната направа е извадена и уништена, соопшти МВР.

Вежбата е дел од активностите кои Македонија ги има како обврска кон Европската и Светската конференција за безбедност во авиосообраќајот и кои треба да ги реализира заради задржување и подигнување на нивото на готовност за реакција во кризни ситуации.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika