Вести

  • |

МИА, 12.02.2010


Генерал-полковник Стојановски: Постои оправданост за основање центар за обука на пилоти


Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-полковник Мирослав Стојановски, денеска ги поддржа плановите на Министерството за одбрана за формирање центар за обука на пилоти. Тој пред медиумите во Охрид, каде учествуваше на свечениот дочек на контингентот мировници на АРМ од Авганистан, укажа на податокот дека Република Македонија се соочува со дефицит на пилотски кадар. - Во составот на Армијата на Република Македонија постои единица во чиј состав функционира Воздухопловниот винг. За жал ние имаме дефицит на пилоти.

Ние во рамките на структурата на силите сме декларирале состави, вклучително и воздухопловен баталјон, со поголем број пилоти отколку што имаме во овој момент. Исто така, познато е дека и други институции во РМ во последно време набавија средства и опрема за чија употреба се потребни пилоти, рече Стојановски, нагласувајќи дека лично смта оти Македонија има потреба од пилоти. Тој потсети дека и во изминатиот период, преку учеството во различни акции за поддршка на другите државни институции, армијата покажала дека постои потерба од поголем број пилоти од најразличен профил. - За да се обучи пилот потребни се посебни вештини, знаења и способности, и затоа треба повеќе време за оспособување на таков персонал. Мислам дека со помош на партнерите, во рамките на армијата и она што го имаме во државата како капацитет ќе обезбедиме квалитетна и успешна обука на кандидатите за пилоти и оти во наредниот период нема да имаме проблем, рече Стојановски.

Негова оценка е дека државата, па и армијата, не може своите потреби од пилотски кадар да ги покрие исклучиво преку испраќање одреден број кандидати во центри за обука на други армии, во други држави. - Не можете да ги покриете сите потреби со испраќање одреден број кандидати во центри за обука на други армии во други држави. Ние како држава мораме да градиме таква позиција да не бидеме зависни од други, туку да имаме свои можности за обука на пилоти, истакна началникот на ГШ на АРМ Стојановски.

Тој додаде дека интенциите се центарот за обука за пилоти да биде промовиран на регионално ниво, односно да биде инвестиција не само за потребите на пилотите од земјата, туку да биде понуден за обука на пилоти од другите армии во регионот, па и до сите оние кои ќе бидат заинтересирани да испраќаат нивни студенти. Министерот за одбрана Зоран Коњановски неодамна ги обелодени плановите за отворање академија за обука на пилоти, со цел да се реши проблемот од постојано усовршување на армиските кадри. Тогаш беше посочено дека иако реализацијата на таа идеја бара време и многу средства, постоењето сопствен центар за обука на пилоти ќе реши голем број проблеми во воздухопловството.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika