Вести

  • |

МИА, 25.02.2010


ТАВ најави преземање на аеродромите в понеделник


Турски ТАВ денеска најави дека в понеделник, официјално со мала церемонија, ќе го преземе стопанисувањето со аеродормите во Скопје и во Охрид согласно 20 годишниот концесиски договор со македонската Влада.

Се уште не е затворена финансиската конструкција за најавената инвестиција од 200 милиони евра, но според главниот оперативен директор на ТАВ холдинг Мурат Орнелек, се преговара со група банки и инвестицијата ќе се реализира. - Имаме една група банкари кои веќе се во преговори со 20-25 претставници од институции, предводени од Стандард банка, од турскиот конзорциум Халк Банка, кои ќе ја обезбедат финансиската конструкција. Тоа ќе потрае неколку недели, но не значи дека нема да започнеме со работата. Напротив, таа ќе започне со средства обезбедени од сопствени извори и во соработка со неколку други банки, појасни на средба со новинарите Орнелек. Според него, реконструкцијата и модернизацијата на аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, ТАВ ќе ја почне со сопствени финансии, а изградбата на карго аеродромот во Штип ќе стартува по 10 години. Таа се одлага за да се запазат стандардите на Меѓународната асоцијација за цивилно воздухопловство кои предвидуваат низ 10 годишна метеоролошка студија да се утврди дали локацијата ги исполнува условите за изградба на аеродром.

Економска исплатливост на карго аеродромот Орнелек гледа во натамошниот економски развој на државата и очекувањата за инвестиции по членството на Македонија во Европската унија. Официјалното преземање ќе биде в понеделник со мала паралелна церемонија на аеродромите во Скопје и во Охрид, додека главната церемонија со поставување камен темелникот Орнелек ја најавува меѓу 15 и 20 март, во присуство на премиерите на Македонија и на Турција и раководството на ТАВ холдинг.

Согласно концесискиот договор со Владата, повтори Орнелек, ТАВ гарантира за работните места на вработените во скопскиот и во охридскиот аеродром, со нивните постоечки права. Покрај постојните вработени кои се веќе преземени од новоформираната компанија ТАВ Македонија ќе бидат ангажирани и кадри од ТАВ, а турскиот инвеститор ветува и ангажаман на домашни градежни фирми во реконсутрукцијата и модернизацијата на аеродромите. - Преферираме да работиме со локален персонал и локални компании и сакаме да придонесеме за развојот на економијата во Македонија, рече Орнелек. Тој истакна дека ТАВ ќе се залага да привлече што повеќе авиокомпании на македонските аеродроми за да оствари исплатлива инвестиција. - Целта е да се здобиеме со предност пред конкуренцијата во регионот и да ги привлечеме авиокомпаниите со кои работиме низ целиот свет, односно 300-те со кои соработуваме. Веќе преговараме со нив да слетуваат во Македонија, но не заборавајте дека самите компании одлучуваат за цените на летовите. Ако немате домашен авио превозник тогаш ја губите шансата да добивате летови од другите земји.

Се обидуваме да привлечеме компании да дојдат во Македонија со цел да се регистрираат како национален авио превозник. Во спротивно авиосообраќајот ќе биде блокиран, рече Орнелек. Согласно Договорот за концесија, на аеродромот „Александар Велики“ е предвидена изградба на нова терминална зграда од 40.000 метри квадратни, да се продолжи полетно-слетната патека за 500 метри, да се изгради паркинг за автомобили, пристапен пат со нова клучка, инсталирање на системи за навигација, да се изгради потребната комунална инфраструктура, доградба или изградба на нова административна зграда, нов карго терминал, нова противпожарна станица, нов паркинг за воздухоплови, како и набавка на нова потребна опрема за аеродромот да функционира согласно меѓународните стандарди.

На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, пак, треба да се изврши реконструирање на постоечкиот паркинг, реновирање на објектите во карго центарот, изградба на ВИП објект, пречистителна станица, реконструкција на постоечката административна зграда, набавка на нови патролни и противпожарни возила, како и набавка на нова потребна опрема за аеродромот согласно меѓународните стандарди.

Турски ТАВ оперира во аеродроми во седум земји и опслужува 42 милиони патници годишно. Во проекциите за Македонија предвидува годишен проток од пет милиони патници на скопскиот и 0,2 милиони на охридскиот. По преземањето на аеродромите во рацете на турскиот инвеститор ќе биде целокупното опслужување на патниците и безбедноста, за што во холдингот функционираат посебни компании. ТАВ и Владата склучија Договор за концесија во септември 2008 година, но инвестицијата беше одложена поради неможноста турската компанија да обебзеди пари, како резултат на светската економска криза.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika