Вести

  • |

Дневник, 27.03.2010


Аеродромот - писта за диви таксисти


Патниците, кои често се странци, се „ограбени“ од такси-возила без таблички, што остава грда слика за тоа како ни е организирана државата во целина Се чини дека некому одговара што Скопје со години нема директна автобуска линија до аеродромот. На овој проблем укажа и Либерално-демократската партија, која побара од Градот да организира јавен превоз до „Александар Велики“. Иницијативата не е ни прва ни нова, но тешко се реализира. За тоа време, диви таксисти ги „ограбуваат“ патниците, кои често се странци што остава грда слика за тоа како ни е организирана државата во целина.- Морав да платам 800 денари за да се превезам до аеродромот „Александар Велики“. Од такси-компанијата „Наше такси“ велат дека тоа им била фиксна цена. Не се малку, но немав избор, зашто немаше кој да ме превезе. Дека 800 денари се една убава дневница призна и самиот таксист. Рече дека само одредени такси-возила од нивната компанија ја имале таа привилегија, се жали скопјанката П.Б.. На аеродромот чекаат диви таксисти, кои наплаќаат и по 1.500 денари, односно 25 евра, па дури и повеќе, во зависност од тоа колку авиони ќе слетаат тој ден. Иако на аеродромот се истакнати цените за такси-превозот до секој град поединечно, дивите ја искористуваат неукоста на патниците, особено на странците. - Мое мислење е дека цената од 700 денари, колку што наплаќа нашата компанија е реална, ако се земат предвид далечината - дваесетина километри и патарината. Проблемот е во тоа што диви таксисти, кои чекаат на аеродромот наплаќаат двојно повеќе. Сметам дека овој проблем би требало да го реши ТАВ, кој сега управува со аеродромот. Тие или ќе распишат оглас или ќе понудат своја такси-услуга, вели Марјан Стојановски, таксист во компанијата „Водно“ . Претседателот на Групацијата на автотакси-превоз при Стопанската комора на Македонија и управител на такси-компанијата“Коммак-комерц“, Сашо Рајчановски, вели дека се оди дотаму што одредени диви таксисти стојат покрај скопските хотели и склучуваат договор со нив за да имаат ќар и тие и вработените во хотелите.- Рецепционерот на хотелот му вели на гостинот од хотелот, странец се разбира, до аеродромот ќе ве чини 1.500 денари. Од тие, 1.000 денари одат во рацете на таксистот, а 500 денари за рецепционерот - вели Рајчановски.Тој објаснува дека ако се викне такси од тие што се регистрирани и имаат лиценца, со петцифрени повикувачки телефонски броеви, повеќе од сигурно е дека патниците нема да бидат излажани ниту оштетени.- Цената во зависност од видот на такси-возилата и опремата во нив кај одредени компании се движи од 590 до 800 денари, и таа е во ред. Нашиот таксист ви доаѓа дома, ви ги зема куферите, плаќа патарина, паркинг на аеродромот. Од аеродромот назад се враќа празен, бидејќи според законот, такси-компаниите од градот не смеат да земаат патници од аеродромот. Тоа го прават дивите таксисти од територијата на Општина Петровец. Тие наплаќаат двојно поскапо, а некогаш и повеќе, за што не' информираат патници запознати со проблемот - објаснува Рајчановски. Тој смета дека аеродромот треба да преземе мерки.Градоначалникот на Петровец, Борче Митевски, вели дека 60 таксисти од Општината сообраќаат легално и имале склучено договор со претходната управа на аеродромот.- Претходно работев на аеродромот како шеф на обезбедување, па многу добро сум запознат со оваа проблематика. Тој проблем е решен уште пред една година. Нашите таксисти имаа договор со претходната управа на аеродромот и поседуваат лиценци. Договорот истекува на крајот од месецот, па се очекува нов со новите управители, на кој ќе се приспособат нашите таксисти - вели Митевски.Тој негира дека таксистите од Петровец возат по двојно повисоки цени, а вината ја префрла кај дивите таксисти од Скопје.- На табла на излезот од самиот аеродром е истакната цената по која смеат да возат нашите таксисти. Тоа е 20 евра до центарот на Скопје. Проблемот се' уште го прават неколку диви таксисти од Скопје, кои на паркингот се без табличка што означува такси-возило, а ги прибираат патниците, земајќи им колку сакаат. Со нив не може да се справи ниту полицијата, бидејќи бегаат, објаснува Митевски. Анела Петрова ЈСП не смее да вози по регионален патВоведувањето автобуска линија од Скопје до аеродромот и обратно за Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ е сложена работа, но не и неизводлива.- Одлична идеја. Иницијатива е од поодамна, но станува збор за регионален пат, по кој не можат да сообраќаат наши автобуси. Имавме преговори со претходната управа, но сега се смени и треба да се склучи договор со новата управа на аеродромот - изјави Мишо Николов, директор на ЈСП.Тој истакна дека ќе иницира средба со новото раководство за овој проблем.- Постојат неколку опции. Да склучиме договор со управата на аеродромот ние да наплаќаме карта и да превезуваме патници. Може да возиме за ТАВ, а тие да ни плаќаат од километар. Или ние да не наплаќаме карти, а цената да биде ставена во авионските такси или во авиобилетите - објаснува Николов. Од Градот велат дека во согласност со Законот за превоз во патниот сообракај, единствено надлежно да иницира и да воспостави редовна автобуска линија до аеродромот и обратно е Јавното претпријатие за аеродромски услуги.- Јавното претпријатие за тоа треба да добие лиценца од Министерството за транспорт и врски и да го избере операторот што ќе вози на линијата до аеродромот - велат градските власти.Од ТАВ не сакаа се' уште да ја коментираат иницијативата за воспоставување јавен превоз до аеродромот, со образложение дека се тазе дојдени.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika