Вести

  • |

Дневник, 19.03.2010


Во Европа преку Виена и Истанбул


Повеќе од половина патници што лани патувале од „Александар Велики“ ги искористиле редовните линии за да стигнат до друг аеродром, каде што фаќале лет до други европските градови Најголемиот дел од европските метрополи како Париз, Лондон, Мадрид, Стокхолм, и со авион се' уште се многу далечни за македонските патници. Според најновите статистички податоци, повеќе од половина патници што лани патувале од „Александар Велики“ ги искористиле редовните линии за да стигнат до друг аеродром, од каде што има директни врски до европските градови. Македонците најчесто патуваат до Виена и Истанбул, од каде што фаќаат авион за скандинавските земји, Велика Британија, Италија, Франција, Германија, Шпанија, Америка, Австралија, Блискиот Исток. На ниво на научна фантастика е воведувањето директна линија до Њујорк, како што има од Тирана и од Приштина.Годишната статистика за сообраќајот на скопскиот аеродром покажува дека минатата година биле превезени 599.519 патници, што е за 8,1 отсто помалку од 2008 година. Од вкупно превезените патници дури 53,8 отсто го продолжиле летот од друг аеродром до крајната дестинација. Тоа се 6,3 отсто повеќе трансфер-патници од 2008 година.- Зголемувањето на индиректниот авионски сообраќај во земјава се должи на намалувањето на некои од директните маршрути, а делумно и на престанокот на оперирање на домашниот авиопревозник МАТ - објаснуваат од „Александар Велики“. Сепак, на домашните патници летово ќе им бидат достапни неколку нови директни линии до Брисел, Хамбург, Верона, Берлин и до Копенхаген. Но, ќе останат и без авионски врски со Сараево и со Келн, кои беа укинати уште во зимскиот ред на летање. Летниот ред на летање од скопскиот и од охридскиот аеродром, кој трае од 28 март до 30 октомври, годинава ќе го дополнат две нови не многу звучни компании. Едната е италијанската „Меридијана“, која ќе лета до Верона и Рим, а швајцарската „Еделвајс ер“ ќе оперира со многу фреквентната линија до Цирих.Речиси на сите нови линии ќе летаат чартер-компании кои планираат да оперираат со нив само во екот на летната сезона, кога има и најмногу патници. Според летниот ред на летање, дел од редовните превозници кои летаат на дестинациите кои се актуелни во текот на летото, имаат по еден до два лета повеќе неделно. Но, има и такви кои ги скратиле бројот на неделни летови, знаејќи дека од март до октомври им се намалува бројот на патници.- Најфреквентни дестинации лани, според бројот на патници, беа Виена и Истанбул. Зголемување на бројот на патници има и на линиите за Будимпешта, Прага, Загреб, Истанбул и Диселдорф. Сепак, најголем подем во 2009 година имаше на новите дестинации Подгорица и Тиват, преку кои трансферираат голем број патници за Рим. Помалку патници летале за Цирих, Рим, Љубљана, сите германски дестинации, Софија, Тирана и Сараево- велат во скопскиот аеродром.Во компанијата „Скај вингс“, која работи како чартер-компанија, најавуваат дека ќе го зголемат бројот на летови и на нови дестинации во екот на летната сезона. Освен воведување дополнителни летови за Цирих, Диселдорф, Брисел, Хамбург, Берлин, Рим, Виена и Истанбул, раководството најавува и воведување на две нови директни линии.- Ќе се воведе директна линија за Копенхаген од 15 јуни до 15 септември, два пати неделно, поради големиот интерес за дестинацијата во тој период. Исто така, од 1 јули до 31 август ќе има директна линија од Охрид до Амстердам. Со туристичките агенции договорени се и над сто чартер-летови до туристичките места во Турција и Египет - вели Ајан Џафероски, претседател на бордот на директори на „Скај вингс“.И покрај лошата состојба во авиосообраќајот, скапите билети и непостоењето директни врски, Македонија и натаму ќе остане без национален авиопревозник што ќе сообраќа на повеќе линии и би требало да придонесе за пад на цените. Иако менаџерите на новиот концесионер на аеродромите во Скопје и Охрид, турската компанија ТАВ, сугерираа дека националниот авиопревозник е клучен за поевтинување на летовите, Владата засега нема интерес да формира државна авиокомпанија. Наместо тоа, државата ќе субвенционира одредени линии за кои смета дека се во интерес на македонските патници. Според најавите од Владата, веќе се прават проценки за тоа кои линии би биле од најголем интерес за патниците од земјава. Лето без изненадувањаИ во летниот ред на летање отсуствуваат имињата на нискотарифни компании, кои со години ја заобиколуваат Македонија. Од позвучните имиња како и досега, „Малев“ ќе лета за Будимпешта секој ден, Чех ерлајнс за Прага, Аустријан ерлајнс за Виена и Туркиш ерлајнс за Истанбул. Продолжуваат и секојдневните летови на ЈАТ за Белград, Кроација ерлајнс за Загреб, Адрија ервејс за Љубљана и „Монтенегро“ за Подгорица. Најголем интерес има за линијата за Цирих на која ќе летаат Хелветик ервејс шест пати неделно и „Еделвајс ер“ четири пати. Според најавите, од 15 јуни на оваа релација ќе оперира и „Скај вингс“ со 16 лета во текот на неделата. „Бугарија ер“ ќе лета за Софија трипати неделно, а „Меридијана ер“ за Верона и Рим.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika