Вести

  • |

Дневник, 18.03.2010


Странците не' прелетуваат


Контролата на летање во минатата година опслужила 10 пати повеќе прелети отколку полетувања и слетувања од аеродромите во Скопје и во Охрид Странските патници многу почесто ја прелетуваат земјава отколку што ги користат скопскиот и охридскиот аеродром. Според последниот податоци, македонските контролори на летање во минатата година опслужиле 113.139 прелети и 11.176 полетувања и слетувања на аеродромите „Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“. Ова е уште една потврда дека авиокомпаниите и понатаму го користат македонското небо само за прелетување до аеродромите во другите земји од регионот.И покрај слабиот интерес за користењето на двата аеродрома, како и тешкотиите за организирање прелети поради затвореното небо над Косово, раководството на операторот за воздухопловна навигација М-НАВ објаснува дека компанијата работи многу успешно. Деновиве Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) на М-НАВ му издаде уверение за оспособеност за давање навигациски услуги, што практично значи дека операторот ги применува највисоките европски стандарди во работењето. Раководството на М-НАВ смета дека добиеното уверение позитивно ќе влијае врз довербата и интересот на странските компании да оперираат од аеродромите во земјава. Но, потребно е многу повеќе од тоа. - Атрактивноста на аеродромите во Скопје и во Охрид, како за редовните превозници, големите компании, чартерите или нискотарифните компании, многу повеќе зависи од други фактори. Тоа се либерализација на користењето на воздушниот простор, финансискиот фактор, нивото на услуги на аеродромите, финансиската моќ на локалното население, како и интересот за патувањата - рече Николет Тагарински, извршен директор на М-НАВ.Пред сезоната на годишните одмори, македонските патници се во исчекување да добијат редовен авиопревозник, откако пред повеќе од половина година компанијата МАТ ја изгуби дозволата за летање. Засега единствено чартер-компанијата „Скај вингс“ побарала дозвола од АЦВ за редовен авиопревозник, но нејзината апликација се' уште се разгледува.- Очекуваме позитивен одговор од Агенцијата, особено сега кога набавивме уште еден авион. Договорот за него е потпишан и се очекува од 1 април да биде во земјава - вели Ајан Џафероски, претседател на бордот на директори на „Скај вингс“.Прогнозите на „Евроконтрол“ за годинава предвидуваат дека бројот на операции на македонската Контрола на летање ќе се зголеми од четири до осум отсто, додека до 2012 година се очекува М-НАВ да опслужи повеќе од 150.000 полетувања, слетувања и прелети. Од Белград до Лондон за 35 евра Додека македонските патници се надеваат дека конечно некоја нискотарифна авиокомпанија ќе влезе на нашиот пазар и ќе понуди евтини летови, на белградскиот аеродром три вакви компании ќе им нудат евтини билети во текот на летната сезона. Освен „Ники флај“, која има летови до Виена, пред извесно време влез на српскиот пазар најавија и унгарската нискотарифна компанија „Виз ер“ и шпанската „Спан ер“. Унгарската компанија од 12 јуни ќе лета од Белград до Дортмунд по цена од 25 евра во еден правец и за Лондон за 35 евра, додека Шпанците ќе летаат до Барселона по слични цени. Интерес за влез во Србија најавија и грчката „Олимпик ер“ и нискотарифната латвиска компанија „Ер Балтик“.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika