Вести

  • |

Вечер, 20.04.2010


МИНИСТРИТЕ ЗА ТРАНСПОРТ НА ЕУ ГИ НАМАЛИЈА ОГРАНИЧУВАЊАТА ЗА ЛЕТОВИ НАД ЕВРОПА - Луфтханза и Ер Берлин со помали авиони летаат само преку ден


Двете најголеми германски компании почнаа летови без целосна поддршка на системите за контрола од копно. "Ер Берлин" од викендот извршил 104 летови при т.н. правила за визуелни летови - процедура, која е дозволена само преку ден, и во принцип се применува само за помали авиони.

"Луфтханза" исто така објави дека 50 нејзини авиони полетале со вкупно 15.000 патници по прекуокеански линии Министрите за транспорт од Европската унија ги намалија ограничувањата за летови над Европа, што беше наложено поради вулканската пепел од Исланд.

Според исландските власти, целта е постепено да биде возобновен воздушниот сообраќај, а предвидено е да се намалат зоните кои беа забранети за летови со цел авиокомпаниите да добијат дозвола да летаат само во оние делови од Европа каде нема големо количество на прав од вулканот. Советот за транспорт на Европската унија едногласно ја одобри примената на системот на три зони за летови. Првата зона ќе вклучува делови од европското воздушно пространство, во која летовите се ризични поради преголемата концентрација на честички од вулканскиот облак и таа ќе биде целосно забранета за летови. Втората зона ќе го опфати воздушното пространство, во кое концентрацијата на честички е помала и каде ќе бидат дозволени летовите. Земјите од ЕУ ќе одлучуваат кои делови од втората зона, кога и дали воопшто ќе бидат отворени за летови. Третата зона ги опфаќа оние делови кои воопшто не се засегнати од вулканскиот облак. Од ЕУ нагласуваат дека мошне скоро ќе се одржи нова седница на Советот, со цел да се разгледаат економските последици од кризата во европската цивилна авијација.

Од Меѓународната асоцијација за авиотранспорт вчера се пожалија дека загубите на авиокомпаниите заради откажани летови се над една милијарда долари. Главниот извршен директор на Меѓународната асоцијација за авиотранспорт, Џовани Бисинјани објави дека авиокомпаниите не почувствувале лидерска улога на ниту една од владите во државите од ЕУ. -Требаше пет дена за да се организира разговор со министрите за транспорт, а ние губиме по 200 милиони долари за ден, и 750.000 патници се блокирани на аеродромите во целиот континент. Гледа ли некој смисла во сето тоа - изјави Бисинјани. Во ваква вонредна состојба, некои авиокомпании користат "дупка" во законот за да ги обноват летовите. Двете најголеми германски компании "Луфтханза" и "Ер Берлин" почнаа летови без целосна поддршка на системите за контрола од копно. "Ер Берлин" од викендот извршил 104 летови при т.н. правила за визуелни летови - процедура, која е дозволена само преку ден, и во принцип се применува само за помали авиони. Во случајот со "Ер Берлин" патничките авиони на компанијата летале на височина од 3.000 метри, следејќи визуелно присуство на други авиони. Во принцип, големите патнички авиони се насочуваат од оператори во центрите за контрола на летање, кои носат одговорност за избегнување на судири во воздухот. "Луфтханза" исто така објави дека 50 нејзини авиони полетале со вкупно 15.000 патници по прекуокеански линии

. Инаку, седми ден по ред голем број аеродроми се затворени заради густиот облак од пепел од вулкан во Исланд. Затворени за авиосообраќај вчера до пладне беа аеродромите во Естонија, Финска, Германија, Унгарија, Ирска, Романија, Грција, Кипар и Полска. Службите за цивилна авијација на Швајцарија одлучија да го отворат националното воздушно пространство од 6:00 часот по Гринич по четири успешни тест-летови. Во Словенија беше времено отворено воздушното пространство, но по објавата дека се очекува нов облак, словенечките цивилни воздухопловни власти најавија дека повторно ќе го затворат воздушното пространство. Данското воздушното пространство беше отворено за летови над 10.800 метри. Отворени за сообраќај пак, вчера беа аеродромите во БиХ, Бугарија, Чешка, Италија, Луксембург, Црна Гора, Холандија, Норвешка, Русија, Србија, Шпанија и Турција. Во текот на вчерашниот ден, првите авионски летови во Шкотска извршени со страв од новиот вулкански облак. Само еден авион вчераутро полета од аеродромот во Белфаст на локалната линија кон островот Ман во Ирско море. Во соопштението од Шкотска и од Северна Ирска се вели дека доколку и полетаат некои авиони тоа ќе биде само на кусите, домашни линии што обично се обавуваат на пониски височини, од оние што се користат на меѓународните линии што остануваат и натаму загрозени од вулканскиот облак.

Сите лондонски аеродроми останаа затворени и вчера. Засега останува советот до патниците, да не одат на аеродром, за да не се прават непотребни турканици и за да не се случи луѓето да останат "заглавени" чекајќи на својот лет. Најголемата британска компанија "Бритиш Ервејз" претходно соопшти дека какви и да бидат условите за летање, нема да лета на кусите меѓународни линии. Нов облак од вулканска пепел ќе премине над северниот дел од ЕвропаНов облак од вулканска пепел создаден од активноста на вулканот Еја-фјала-јокул во Исланд веројатно ќе премине над северниот дел од Европа, соопшти Центарот за набљудување на вулкани, стациониран во Тулуз. -Во сегашни метеоролошки услови, вулканската пепел веројатно ќе премине над јужниот дел од Северното Море, Британските острови, Данска, Скандинавија и евентуално над северниот дел од Франција во следните 24 часа - изјави Дидие Росенблат од центарот во Тулуз. Британската национална метеоролошка служба соопшти дека облакот со пепел од Исланд го минал Атлантскиот Океан и стигнал и до Њуфаундленд, но не се очекува да навлезе подлабоко во внатрешноста на земјата или да ги дофати и САД. За тоа дали ќе се издаде забрана за летање над Канада и САД ќе одлучат властите во двете земји.

Научниците оценуваат дека Еја-фјала-јокул дневно исфрла од 150.000 до 300 000 тони јаглерод диоксид и ако тоа ниво се одржи во текот на годината, вулканот ќе се изедначи според штетите со ефектот на стаклена градина во Австрија. ЕУ ги продолжи шенген-визите на луѓето блокирани по аеродромитеЕвропската унија им го продолжи рокот на шенген-визите за кус престој на луѓето, кои не успеаја да ја напуштат Европа поради затворањето на воздушниот простор, објави еврокомесарот за внатрешни работи Сесилија Малстром. Европската комисија предлага кусорочните шенген-визи чиј рок истекол на 15 април, "да бидат продолжени автоматски до нормализирањето на воздушното движење, без да биде неопходно да се дава специјална молба за продолжување".Скопскиот и Охридскиот аеродром отворени за сообраќајСкопскиот аеродром "Александар Велики" е отворен за сообраќај. Во текот на вчерашниот ден беа реализирани летовите Скопје - Белград и Скопје - Подгорица, како и првото слетување од Виена откако во петокот беше затворено виенското авиопристаниште. Од Аеродромот информираат дека во изминатите денови поради опасноста од облакот од пепел од вулканот во Исланд биле блокирани летовите од Европа кон Скопје и обратно. Охридскиот аеродром "Апостол Павле" е отворен за сообраќај, но до сабота не се планирани летови.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika