Вести

  • |

Алфа ТВ, 16.04.2010


Откажани летови на скопскиот Аеродром


Четри лета денеска се откажаа и од скопскиот аеродром „Александар Велики“ поради густиот облак од пепел и прашина кој по ерупцијата на вулканот во Исланд почна да патува кон Исток и Југо-исток. Во Скопје денеска не слетаа, ниту полетаа авионите за Прага, Будимпешта и Брисел. Без проблеми се реализираат летовите до градовите во регионот, како Истанбул, Загреб, Љубљана, Цирих и Виена. Нервозата која владее насекаде во Европа, каде денеска се откажани 17 илјади летови од Велика Британија, преку Франција и Германија до Полска – не ги одмина ни патниците на скопскиот аеродром. Веќе од вечерва е најавено затворање и на некои аеродроми кои денеска беа отворени, но во чија близина се очекува вечерва и утре да помине вулканскиот облак. Така, на списокот за затворање е и виенскиот аеродром за каде до Скопје и од Скопје за утре се предвидени два редовни лета, кои најверојатно ќе се откажат. Од загрозените подрачја, утре од Скопје се предвидени и летови за Германија, Брисел и Будимпешта чие одвивање е неизвесно. Македонските воздухопловни власти велат дека засега не постои посериозна опасност за загрозување на небото над Македонија иако ветровите го движат исландскиот облак кон исток и југо-исток. Поради облакот од вулканска прашина висок 6 до 9 километри, целосно беше блокиран авиосообраќајот во Ирска, Велика Британија, Холандија, Белгија, Данска, Шведска, Финска, Норвешка и Естонија, а делумно во Германија, Франција и Чешка. Некои од северните аеродроми во Исланд и Шведска веќе се отворени за сообраќај. На аеродромите се заглавени стотици илјади патници. Застојот во воздушниот сообраќај се очекува да трае и викендот, а целосно расчистување на воздухот може да се очекува дури од понеделник. Службите за контрола на авиосообраќајот предупредуваат дека честичките од вулканската прашина можат сериозно да ги оштетат авионските мотори.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika