Вести

  • |

МРТ, 17.04.2010


Пепелта од исландскиот вулкан ќе стигне до Италија и Балканот


Облакот од пепел од исландскиот вулкан, кој целосно го прекина воздушниот сообраќај во Северна Европа, ќе се прошири од јужна Франција кон северна Италија и северниот дел на Балканот, прогнозира денеска европската агенција за контрола на воздушниот простор Еуроконтрол. Заменик-директорот на Еуроконтрол Брајан Флин изјави на прес-конференција во Брисел дека ситуацијата ќе биде критична и утре. - Крајот на ситуацијата се уште не се гледа, додаде тој.

Во меѓувреме државниот секретар во романското Министерство за транспорт Марин Антон изјави дека северозападниот дел на романскиот воздушен простор ќе биде затворен од три часот по полноќ по локално време. Две зони во северозападниот дел на романскиот воздушен простор ќе бидат затворени, рече Антон, кусо пред почетокот на итната владина седница, посветена на последиците кои ќе ги има активностите на вулканот врз воздушниот сообраќај.

Евроконтрол претходно информира дека повеќе од 50 проценти од воздушниот сообраќај денеска во Европа најверојатно ќе биде блокиран поради вулканскиот облак од Исланд. Евроконтрол наведува дека денеска ќе има приближно 11.000 летови во европскиот воздушен простор, додека во нормални услови таа бројка изнесува 28.000 летови.

Воздушниот простор на Летонија, на Литванија и на Естонија денеска беше затворен поради пепелот од вулканот Ејафјалајокул на Исланд. Летовите од Хрватска кон Западна и Северна Европа се одложени поради затворањето на тие аеродроми поради вулканскиот пепел. Откажани се летовите од Загреб кон Париз, Франкфурт, Лондон, Брисел, Копенхаген и Амстердам, но редовно се лета кон Цирих, Виена и Будимпешта. ОД сплитскиот аеродром не полетаа авионите за скандинавските држави, Велика Британија и северниот дел на Германија, додека од аеродромот во Дубровник не полета авионот за Франкфурт и за француските градови Лил и Лион.

Воздушниот простор над полскиот град Краков е затворен поради вулканскиот облак, каде в недела треба да пристигнат 80 странски делегации, кои ќе присуствуваат на погребот на полскиот претседател Лех Качински и неговата сопруга. Портпаролот на краковскиот аеродром изјави дека аеродромските власти продолжуваат со подготовките за слетувањето на делегациите.

Претставник на претседателската администрација утрово соопшти дека е можно да се одложи и погребот на полскиот претседател Лех Качински. Во меѓувреме, метеоролозите се воздржуваат од подолгорочни прогнози, објаснувајќи дека состојбата се менува секој час. Стотици илјадници патници се директно погодени од откажувањето на летовите низ цела Европа а се предвидува застојот во воздушниот сообраќај да потрае и цел викенд. Вчера се откажани преку пет илјади летови, а воздушниот сообраќај од Ирска и Финска е во целосен застој.

Поради проблемите кои ги создаде вулканската активност, австралиските авиолинии „Кантас“ ги откажаа летовите до големите меѓународни аеродроми во Лондон и Франкфурт. Летовите до Европа ги откажаа и двете јапонски авиокомпании „Џал“ и „Ол Нипон ервејз“. Франкфуртскиот аеродром, кој е најголем во Германија и трет по големина во Европа, е затворен од осум часот по локално време. Од синоќа се затворени аеродромите во Берлин, Хамбург, Хановер и Бремен. Засега нема опасност за аеродромот во Минхен. Поголемиот дел од британскиот воздушен простор ќе остане затворен до денеска во 18 часот по Гринич поради опасноста што ја создаваат облаците вулкански пепел кои доаѓаат од Исланд, соопшти британската служба за контрола на воздушниот сообраќај. До синоќа се сметаше дека ограничувањата ќе важат до денеска на пладне.

Можно е да бидат дозволени некои летови од Северна Ирска и шкотските Западни острови, од Глазгов, Единбург и Прествик. Облак од вулканска пепел денеска стигна и до Колскиот полуостров во северозападниот дел на Русија во Мурманската област. Руската метеоролошка служба соопшти дека ја следи ситацијата која во моментов не е во полза на авионските компании кои имаат летови за Москва, Санкт Петербург и други големи градови во јужните области.

Службата за контрола на воздушниот сообраќај во Велика Британија објави дека ситните честички од вулканската камена прашина и пепел влегуваат во авионските мотори и предизвикуваат сериозни оштетувања поради што сите авиони превентивно се приземјени за да не се предизвика поголема материјална штета.

Претставници на „Еуроконтрол“ Европската служба за безбедност на воздушниот сообраќај најавија дека облакот од пепел и прашина достигнал висина од околу 18 илјади метри и оти според пресметките на метеоролозите, по 13 часа би можел да ја помине Британија, но експертите предупредуваат дека се потребни неколку дена воздухот целосно да се исчисти од честичките пепел и прашина. Според најновите информации, проблеми во воздушниот сообраќај во доцните утрински часови имаат и аеродромите во Шведска, Норвешка и Финска. Најголемиот норвешки аеродром во Осло е затворен за воздушен сообраќај а финската аеродромска агенција „Финавиа“ објави дека регистрира големи доцнења и пореметувања во линиите кон Шветска, но и во домашниот сообраќај кон северот на земјата.

И воздушните контроли во Холандија, Белгија и во северозападниот дел на Германија поради страв од оштетување на авионските мотори вчера ги откажаа сите летови и ги задржаа авионите на земја. - Облакот прашина се движи кон Холандија и Белгија и со време ќе губи на интензитет како и секој временски феномен, но не знаеме кога ќе дојде до тоа, изјави претставник на „Еуроконтрол“ и додаде дека ќе биде испратен специјален авион кој ќе процени колкава количина пепел има во облаците и како се шири затоа што оваа информација не е можно да се добие со сателитска снимка. Многу вулканолози предупредуваат дека би можело да поминат и неколку дена до „чисто небо“.

Шкотското Министерство за здравство соопшти дека во текот на ноќта на подрачјето на земјата почнале да паѓаат првите честички вулканска прашина, но оти нивната концентрација во воздухот се уште е во нормални рамки. Според очекувањата, луѓето кои имаат респираторни проблеми би требало да почувствуваат помали проблеми.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika