Вести

  • |

А1, 22.04.2010


Ќе се изведат сите летови во цела Европа


Воздушниот сообраќај во Европа денеска практично ќе биде целосно воспоставен, соопшти синоќа Европската агенција за контрола на воздушниот простор - Евроконтрол. За четврток се предвидува да се извршат практично 100 проценти од летовите над Европа, се подвлекува во коминикето на Евроконтрол. „Сите 338 трансатлантски летови ќе бидат извршени според распоредот“.

Во соопштението на Евроконтрол, исто така, се забележува дека денеска целиот воздушен простор над Европа „ќе биде отворен на височина над 20.000 фита (6.000 метри). Под оваа височина остануваат затворени некои зони над Финска и северна Шкотска. Во европскиот воздушен простор вчера беа извршени 22,5 илјади летови (приближно 80 отсто) од предвидените 28.500.

Вкупните загуби на авиокомпаниите надминуваат две милијарди долари и превозниците се обидуваат да превезат уште стотици илјади патници, кои останаа по аеродромите во последната недела заради блокирањето на воздушниот сообраќај во Европа, предизвикан од облаците пепел од еруптираниот вулкан во Исланд, забележуваат агенциите.

Цивилните авијациски власти, вчера, ја бранеа одлуката за приземјувањето на авионите и за затворање на воздушниот простор, на ехото за засилените критики на раководствата на воздушните превозници дека оваа одлука била донесена врз основа на некоректни податоци или непотврдени стравувања. Генералниот директор на Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА) Џовани Бизињани вчера изјави дека 29 проценти од светската цивилна авијација и 1,2 милион патници на ден биле зафатени од затворањето на воздушните простори, за што се согласија владите, пред се, заради опасноста за авионите од облакот со вулканска пепел. „Авиокомпаниите пресметале загуби од 2,2 милијарди долари“, дополни Бизињани. Тој ги повика европските влади да им ги компензираат загубите на авиокомпаниите, како што направи Вашингтон по терористичките напади од 11 септември 2001 година.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika