Вести

  • |

Дневник, 03.05.2010


Течности во авион од 2013 година


Патниците во европските авиони ќе можат да внесуваат шишиња со вода, спрејови и гелови од април 2013 година кога генералната забрана за внесување течности ќе биде заменета со подобра скрининг-технологија.

Европската комисија соопшти дека услов за укинување на актуелната забрана е во наредните три години на аеродромите во ЕУ да се инсталира нова технологија која ќе може да детектира течни експлозиви. Моментално во авионите е дозволено внесување пијалаци, гелови, пасти, лосиони и спрејови во шишиња помали од 100 милилитри, ако се спакувани во проѕирни најлон кеси.

Но, многу патници се' уште се фрустрирани кога мораат да фрлаат скапи парфеми и течности за контакти леќи, на пример, ако се во поголемо пакување. Актуелните правила за купување во фри-шоповите пред полетување исто така се збунувачки, особено за оние кои патуваат во и надвор од Европа. На некои патници подароците и скапите алкохолни пијалаци им се конфискуваат, и покрај уверувањата од продавачите дека тоа нема да се случи.

Од наредната година течностите купени во фри-шоп надвор од ЕУ или во авионите од земји што не се членки на Унијата ќе можат да се носат во рачниот багаж, а другите мерки предвидуваат укинување на двојните контролни пунктови во ЕУ со што ќе се поедностават и хармонизираат процедурите и ќе се обезбедат минимални стандарди за безбедносен тренинг на авио-персоналот.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika