Вести

  • |

МИА, 10.07.2010


Американскиот авион со четворица шпиони се приземји во британска воена база, рускиот со 10 агенти слета на аеродромот „Домодедово“


Лондон, 9 јули 2010 (МИА) - Изнајмениот авион од американската Влада, кој полета од Виена со четворица Руси осудени од својата земја за шпионажа во корист на западни држави, се приземји во Велика Британија, објавија британските медиуми.

Авионот слета во кралската воено воздухопловна база во Брајз Нортн во Оксфоршр, Централна Англија. Претходно денеска САД и Русија ја извршија во Виена најголемата размена на шпиони по завршувањето на Студената војна. Рускиот авион, кој со себе зеде 10 руски шпиони, уапсени минатиот месец во САД, слета на московскиот аеродром „Домодедово“.

Американското Министерство за правда ја прогласи денешната операција за размена на шпиони меѓу САД и Русија за успешно завршена. Според руското Министерство за надворешни работи, размената се случи „во контекст на подобрување на руско-американските односи, давајќи им нова динамика во духот на принципиелното разбирање меѓу Москва и Вашингтон за стратешки карактер на руско-американското партнерство“.

По доаѓањето на власт во јануари минатата година на американскиот претседател Барак Обама, САД и Русија започнаа со рестартирање на своите односи. Шефот на руската држава Дмитриј Медведев минатиот месец ги посети САД. гс/17:05 ###

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika