Вести

  • |

12.05.2013


Егзотично лето: дополнителни 46 летови од скопскиот аеродром оваа летна сезона!


Авикомпаниите имаат поголема понуда во летниот ред на летање. Македонците се во очекување на најавите од Агенцијата за цивилно воздухопловство дека наскоро ќе можат да летаат и до Бразил, Сингапур, Катар…

Турција, Италија и Обединетите Арапски Емирати се само некои од дестинациите до кои ќе има чартер летови од Скопје претстојното лето.

Авиопревозниците Corendon Airlines и Sky Airlines најавуваат туристички чартер летови од Скопје до Анталија и обратно. Corendon Airlines во периодот 3 јуни – 23 септември годинава ќе лета до Анталија секој понеделник, додека од 13 јуни  до 19 септември, секој четврток.

Sky Airlines пак, ќе ја оперира истата дестинација од 9 јуни до 16 септември секој понеделник, а во периодот 12 јуни – 12 септември, секој четврток.

Информациите од Агенцијата за цивилно воздухопловство покажуваат дека дополнителни 46 летови ќе имаат македонските граѓани оваа летна сезона.

Авиокомпаниите со редовен воздушен сообраќај од Скопје до атрактивните европски дестинации

 Унгарската нискобуџетна авиокомпанија Виз Ер во летна сезона најави дека ќе го зголеми бројот на летови за дополнителни 24 во однос на претходната летна сезона, кога леташе само 5 пати неделно на линијата Лондон – Скопје – Лондон и Венеција – Скопје – Венеција. Од април Виз ер ќе лета до Базел, Ајндховен, Дортмунд, Бергамо, Малме, Менингем и Стокхолм.

Бројот на летови во летната сезона го зголеми и нискобуџетната авиокомпанија од Дубаи, Флај Дубаи, која наместо само во понеделник и четврток, на македонските патници ќе им овозможи летови и во петок и недела.
Шест летови повеќе најави и авиокомпанијата Хелветик Ерлајнс, која продолжува да оперира на лините Цирих – Скопје – Цирих и Цирих – Охрид – Цирих. 

Оваа година, компанијата го зголемува воздушниот сообраќај до и од македонските аеродроми.

Со зголемување од по еден лет во однос на минатата сезона е и нискобуџетната компанија Пегасус Ерлајнс, која оваа сезона одлучи да не ја оперира дестинацијата Скопје-Измир,  туку само Истанбул-Скопје, од вторник до недела.Три лета повеќе споредено со минатата година овозможува и српската државна авиокомпанија ЈАТ Ервејс на дестинациите Белград-Скопје и Белград – Охрид.

Најави за летови и до Канада, Бразил, Сингапур, Кувајт…

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Дејан Мојсовски, изјави дека неколку нискобуџетни авиокомпании од Европа, Америка и Азија го скенираат македонското небо. Но, се уште нема најава за официјален старт на летови до овие подалечни дестинации.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) во јануари годинава најавија дека се во преговори за потпишување билатерална спогодба за отворање на небото меѓу Македонија и Бразил, Кувајт, Сингапур, Катар, како и Финска, Естонија и Полска.

“Бразил допрва ќе стане атрактивна туристичка дестинација за македонците. Ако се земе предвид и дека Бразил во 2014 година ќе биде домаќин на Светското фудбалско првенство, а во 2016 година таму ќе се одржуваат Олимписките игри, за нас ќе биде голем предизвик да воспоставима авионска линија до Бразил. Се уште не можам да прецизирам дали тоа ќе биде директна линија или можеби ќе ја искористиме конекцијата од Скопје до Дубаи“, вели директорот на АЦВ, Мојсовски.

На почетокот од летото во 2012 година САД го отвори небото за летови од Македонија. Агенцијата за цивилно воздухопловство потпиша договор со Америка, според кој се регулира воздушниот сообраќај меѓу САД и Македонија. Но, се уште се чека на авиокомпанија која ќе понуди директна линија до еден од американските аеродроми.

“Наскоро ќе почнеме поагресивна кампања во однос на анимација на авиокомпаниите кои би воспоставиле редовна авионска линија од Македонија до Канада. За нас и оваа година таргет ќе бидат претежно нискобуџетните авиокомпании. Воведувањето на овие дестинации е мотивирано од повеќе аспекти, како развој на туризмот, поврзување на дијаспората со Македонија, промоција на земјава како бизнис дестинација, но и поддршка за концесионерот ТАВ во намерата скопскиот аеродром да го направи регионален центар на Балканот“, кусо објасни Мојсовски.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika