Вести

  • |

19.05.2013


Канадски авиокомпании се заинтересирани за летови кон Македонија


Се очекува авиолинијата да биде воспоставена до летните одмори, кога дијаспората во поголем број планира да престојува во татковината

                                   Канадски авиокомпании се заинтересирани
                                        за летови кон Македонија

ПРВПАТ ИНТЕРКОНТИНЕНТАЛНИ ЛЕТОВИ 

Македонската дијаспора наскоро ќе има можност да се поврзе со татковината со интерконтинентална авиоврска на релацијата Канада - САД - Македонија, и обратно. Имено, како што најавуваат од Агенцијата за цивилно воздухопловство, токму на воспоставувањето ваква редовна авиолинија се работи од почетокот на годинава и се очекува таа да биде реализирана до летните одмори. За таа цел македонските воздухопловни власти вршат интензивни контакти и разговори со нивните колеги од овие држави, при што се работи на подготовка на правните рамки за еден таков проект, а истовремено се врши и промоција на македонските инфраструктурни (аеродромски) капацитети пред потенцијални нискотарифни и други авиокомпании. 

- Можноста за воспоставување прекуокеански авиолинии е една од главните стратегии што уште од почетокот ја утврди Агенцијата за цивилно воздухопловство - вели директорот Дејан Мојсовски.
Тој додава дека агенцијата веќе потпишала спогодби со САД, со Австралија, со Сингапур, односно со сите оние земји што даваат можност за отворено небо.

- Моментно работиме и на потпишување спогодба со Канада, при што концептот што сакаме да го реализираме и на кој работиме е овие земји да се поврзат директно со Република Македонија. Притоа, во оптек се неколку комбинации, како што е, на пример, линијата Канада-САД- Македонија, и обратно, за која, со оглед дека капацитетот и потенцијалот на пазарот за една линија што би била цела година со ист интензитет не постои, се работи барем да бидат покриени оние пикови во летниот и во зимскиот период, кога нашата дијаспора, за која ова е наједноставно и најекономично авиоповрзување, има потреба да дојде во татковината - вели Мојсовски.

Има интерес кај авиопревозниците

Во агенцијата велат дека се прават анализи, се работи со воздухопловните власти на овие држави и се врши промоција на Република Македонија пред авиокомпаниите за да се уверат во новите инфраструктурни промени кај нас, во новиот скопски аеродром што го изгради ТАВ. 

- Затоа треба целосна посветеност, како од аспект на безбедноста така и од аспект на економскиот дел на воздушниот транспорт, при што сега очекуваме одговор од канадската страна, а кај нас сме веќе подготвени. Потоа, спогодбите ќе одат пред владите на двете држави и на ратификација во парламентите. Токму за оваа цел неодамна и бевме во Канада, поточно во Монтреал, каде што ги промовиравме нашите аеродромски капацитети и севкупните туристички, бизнис и други потенцијали на нашата држава и наидовме на интересирање од тамошни авиопревозници, со чии имиња не би оперирал пред да дојде до конечен договор - истакнува Мојсовски.

Во рамките на активностите за воспоставување редовни авиолинии со најоддалечените дестинации беше потпишана спогодбата со Австралија и се реализира авиоврска преку Дубаи, со тамошниот нискобуџетен авиопревозник „Флај Дубаи“, а како што посочуваат од АЦВ, има интерес тоа да се направи и преку Сингапур, како меѓуточка за таква интерконтинентална конекција.

Се бара модел за авиоврска со Бразил 

Моментално се работи на спогодбите со Бразил и со Тајланд, а од европските веќе се готови со Словачка и со Шведска. Особено е интересен Бразил како атрактивна туристичка дестинација, кој наскоро би можел да биде достапен и за македонските авиопатници. Бразил в година ќе биде домаќин на Светското фудбалско првенство, а во 2016 година таму ќе се одржуваат Олимписките игри. Размислувањата кај воздухопловните власти се тоа да биде или директна авиолинија, или да се искористи конекцијата од Скопје до Дубаи. 

Инаку, она што во подготвителната фаза за овие нови авиодестинации заслужува внимание, како што велат во АЦВ, е тоа што со воздухопловните власти на споменатите држави се оди на потпишување спогодби на либерален концепт, кој опфаќа слобода на сообраќање на која било авиокомпанија меѓу нашата и другата држава. Притоа, нема регулирање на цените и ограничувања на летачките капацитети, односно сето тоа да зависи од пазарот. 

- Токму поради тоа последниот месец, во април, и имавме пораст на бројот на патници на нашите аеродроми за 12,3 отсто во однос на истиот месец минатата година. Тој пораст едноставно се должи на либерализацијата на пазарот и на тоа што повеќе компании добија дозволи да летаат кон и од Македонија, што доведе и до зголемена конкуренција меѓу авиокомпаниите и намалени цени на авиобилетите. А за тоа да се постигне ние ги променивме сите спогодби и меморандуми, во согласност со меѓународните стандарди во овој момент, а според кои две држави, нашата и таа со која имаме потпишано или потпишуваме спогодба, да се согласат да воспостават воздушен сообраќај врз основа на тој либерален концепт со минимално учество и посредување на државите - вели Мојсовски

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika