Вести

  • |

08.12.2014


Интервју - Национален авиопревозник е алката што ни недостасува


Во 2016 или 2017 година можеме да очекуваме и два милиони патници на аеродромите, вели Дејан Мојсовски, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство

Неодамна на скопскиот аеродром помина и милионитиот патник. Бројот на патници е во нагорен тренд, поврзани сме со многу дестинации. Кои се предизвиците во тој правец?

Секако дека како секое воздухопловство во светот и македонското пред себе има поставено серија од предизвици, во делот на проширувањето на палетата на дестинации до кои ќе се лета од двете македонски воздушни пристаништа. Тоа подразбира и вклучување на што поголем број компании во редовниот и чартер ред на летање, зголемување на конкуренцијата на воздушниот пазар, која пак ќе влијае врз намалувањето на цените на авиобилетите до повеќе европски и светски дестинации. Во моментов Македонија има директна авиолинија со 26 града во Европа, како и со Дубаи. Во октомври годинава е забележан раст на патниците на аеродромите за 20 проценти во однос на лани. Придонес за тоа има и либерализацијата на воздухопловството, имплементацијата на европските стандарди, како и субвенциите.

Оптимистички ли е да очекуваме и два милиони патници на „Александар Велики“? Колкав е капацитетот на аеродромот во Скопје?


Ако продолжи актуелниот тренд на зголемување на бројот на патници кои полетале или слетале на скопскиот аеродром, веќе во 2016 или 2017 година, може да очекуваме удвојување на годинешната бројка од над милион патници. Порастот на бројот на патници на годишно ниво особено се засили по 2010 година. Ако во 2009 година само 599.519 патници патувале низ скопскиот аеродром, во 2010 година имаше вкупно 680.080 патници. Во 2011 година низ нашите аеропристаништа минале 759.928 патници, во 2012 имало 828.831 патник, а минатата година 980.729 патници. Бројките кажуваат дека на нашите аеродроми за пет години бројот на патници се зголемил за 66 отсто. Оптималниот капацитет на скопскиот аеродром е да опслужи до 3 милиони патнции, а притоа да не настане блокада на сообраќајот. Според проекциите до 2020 година, аеродромите можат да работат во рамките на оптимумот, согласно со меѓународните стандарди. За понатаму, веројатно ќе има потреба за доопремување во зависност од потребите и од барањата на прописите на меѓународните институции.

Деновиве се актуализира и прашањето за избор на национален авиопревозник. Кои се предностите што можеме да ги очекуваме?

Националниот авиопревозник е алката што ни недостасува. Имаме современи аеродроми, воздухопловни власти, професионална служба за контрола на летање, но не и наш авиопревозник. Неговото формирање е предизвик и ако се постави на солидна основа и ги исполнува сите стандарди Македонија ќе има голем бенефит. АЦВ побара измена на Националната стратегија за воздухопловство, токму во делот за избор на национална авиокомпанија. На тој начин, ние ќе можеме да градиме воздухопловна индустрија, да генерираме нови вработувања, економска вредност, доверба во системот. На крајот и огромен број наши професионалци, квалитетен и проверен кадар, што сега работи во странство, ќе може да се врати во земјата.

Со отворањето на небото над Косово се зголеми и бројот на прелети над Македонија. Што значи тоа за нас?

Деблокадата на горниот воздушен простор над Косово, што се случи по 15 години, е од исклучително значење за севкупниот капацитет на македонското цивилно воздухопловство. Од една страна, се очекува привлекување на што поголем број авиокомпании, кое ќе ја зголеми конкуренцијата на авиопазарот. Од друга страна, очекувавме и зголемување на прелетите за најмалку 20 отсто, но реално зголемувањето на речиси 50 проценти ги надмина и нашите очекувања. За толкав процент треба да се зголемат и приходите. Тоа ќе овозможи да се намалат цените во воздухопловниот транспорт и на цените на билетите за македонските патници што ќе ги плаќаат за патувања на европските и на светските дестинации. Едновремено ќе дојде и до дефрагментација на воздушниот простор во регионот и создавање најкуси и најфлексибилни авиорути. Зголемениот буџет, секако, ќе се искористи за инвестиции во воздухопловниот сектор, како и за намалување на цените на услугите. Ова е еден од најкрупните воздухопловни проекти во Европа во последните години, но и кај нас. Особено се истакна потенцијалот нашите служби кои многу успешно понудија квалитетна, безбедна и евтина услуга во услови на драстично зголемување на бројот на прелети. Се работи и на модернизација на системот на контрола на летање за да може да ги задоволи барањата за следните 10 до 20 години.

Безбедно ли е македонското небо?

Секако дека е безбедно и е во согласност со високите европски критериуми за безбедност и сигурност на воздушниот сообраќај. Исполнувањето на стандардите од САФА-програмата, од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство, претставуваат дополнителен доказ за нашите сериозни заложби во поглед на подигнувањето на нивото на безбедноста и сигурноста во воздушниот сообраќај. А, македонските инспектори поседуваат дозволи и сертификати, кои имаат еднаков третман со оние во земјите на ЕУ. Зајакнувањето на потенцијалите дополнително се интензивираа со членството на Македонија во Фондацијата „Флајт сејфти“.

Ќе се воведе ли системот за сателитска навигација што ќе овозможи полетување и слетување на скопскиот аеродром во услови на магла?

Вклучувањето на Македонија во европскиот систем за сателитска навигација е проект од паневропска димензија од кој бенефит ќе имаат, не само цивилните воздухопловства и авиокомпаниите од земјава и регионот, туку и севкупната патувачка јавност. Токму затоа, неодамна, во Скопје бевме домаќини на состанокот на претставниците на македонските со европските воздухопловни власти. Целта на Македонија е да се вклучи во европскиот сателитски систем за навигација и за тоа имаме целосна поддршка и како паневропска земја и како земја-членка на Еуроконтрол. За неколку месеци треба да го започнеме процесот кој ќе значи осовременување на системот за контрола на летање и аеродромската инфраструктура во Македонија.Во моментов се разгледува моделот на кој Македонија ќе може да аплицира и во разумен рок да добие насока за натамошна имплементација на системот.

Станува збор за нова технологија која почна сериозно да се применува од пред една година и сметам дека ние се вклучуваме во право време, односно веднаш по дефинирањето на проблемот. Сега сме во првична фаза во која ќе се направат сите оперативни, технички и финансиски анализи и ќе се одредат неопходните човечки ресурси. Во моментов, Македонија, ги исполнува сите предуслови за имплементација на проектот, располага со квалитетни технички можности за операционализација на системот, има одлична покриеност на сигналот, рамноправен член е на Еуроконтрол и е потписник на Европскиот договор (ЕЦАА). Веќе формиравме работна група со претставници од АЦВ, Министерството за транспорт и врски, М НАВ и ТАВ Македонија, која ќе работи на понатамошна имплементација на проектот.

Што е со интерконтиненталните летови, се најавуваа: Бразил, Индија, Чиле, Индонезија, Канада?

Директното поврзување на Македонија со прекуокеански дестинации, како Австралија, САД, Канада останува приоритет број еден во агендата на АЦВ.

Извор: Утрински

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika