Вести

  • |

07.02.2014


ДРАСТИЧЕН ПОРАСТ НА ПАТУВАЊАТА СО НИСКОТАРИФНИТЕ АВИОКОМПАНИИ - "нова македонија"


Најчесто летаме до Истанбул, Виена и до Цирих, а го откриваме и Дубаи

Минатата рекордна година нискотарифните авиопревозници превезле 440.127, а редовните летачи 481.809 патници. „Виз ер“ доминира со 358.003 превезени патници, додека водечки од редовните авиопревозници е „Туркиш ерлајнс“ со 127.855 авиопатници.

 

Трипати се зголемил бројот на патници кај нискотарифните компани

Драстичен пораст на патувањата со нискотарифните авиокомпании

Македонските граѓани редовно летаат кон Истанбул, Виена и Цирих, често патуваат до Лондон и Малме, а го откриваат и Дубаи, покажуваат податоците за превезени патници во текот на минатата година.

Статистиката открива своевиден бум кај бројот на патници кај нискотарифните авиокомпании во 2013 година. Имено, од вкупниот број од еден милион патници што лани летале од македонските аеродроми услуги на нискотарифните компании користеле 440.127 патници, што е пораст од 240 отсто во однос на 2012 година, кога со таканаречените евтини летови биле превезени 150.000 патници. Ако се земе предвид дека пред само околу три години нискотарифните компании беа вистинска непозната за македонските авиопатници, сега бројките покажуваат дека тие полека го преземаат македонскиот авиопазар.

Ниски цени

Релативно ниските цени од дваесетина евра ги предизвикаа македонските граѓани и многумина што не помислувале да патуваат со авион сега одат на кратки туристички патувања до европските метрополи.

- Со укинувањето на визите и со воведувањето на евтините летови навистина се отвори можност за посета на европските градови. Со малку штедење може да се прават неколкудневни, па и викенд-прошетки. Лани со пријателите бевме да проследиме фудбалски меч меѓу Милан и Јувентус. Летавме до Венеција, а билетите беа само две илјади денари - вели скопјанецот Игор Драгевски.

Според статистиката на „ТАВ Македонија“, минатата година со „Виз ер“ летале 358.003 патници. Од другите нискотарифни компании со „Пегасус“ летале 57.075, а со „Флај Дубаи“ 25.049 патници.

Истовремено, редовните авиопревозници оствариле биланс од 481.809 патници, при што нивниот поединечен ефект е многу поскромен од оној на „Виз ер“. „Туркиш ерлајнс“ е водечка авиокомпанија во оваа категорија со 127.855 превезени патници, или речиси третина од оние на „Виз ер“, кого очигледно „ветрот в грб“ што му го даваат владините субвенции го прави македонски авиорекордер. Понатаму на оваа листа се: „Аустриен ерлајнс“ со 104.995, „Адрија ервејс“ со 53.207, „Кроација ерлајнс“ со 47.098, „Ер Србија“ со 44.715, „Еделвејс“ со 42.106, „Хелветик ервејс“ со 35.250 и „Германија флуг“ со 26.583 превезени авиопатници.

 

Нови субвенции и нови летови

За субвенционирање авиокомпании што ќе понудат поконкурентни и пониски цени во авиосообраќајот Владата до крајот на 2014 година планира да потроши 306 милиони денари. Субвенционирањето се врши врз основа на два модела, воведување нови дестинации и зголемување на бројот на патници. За воведување нови дестинации е предвидена еднократна финансиска помош во износ од 40.000 евра за секоја од првите шест нови дестинации, а потоа за секоја следна нова дестинација има еднократна финансиска поддршка од 30.000 евра. За бројот на патници има субвенции од девет евра по патник во заминување во првата година од договорот, осум евра по патник во втората година и седум евра по патник во третата година.

Инаку, врз основа на договорот потпишан со Владата, авиокомпанијата „Виз ер“, која сега има 38,6 отсто удел на пазарот во Македонија, отвори неколку нови авиодестинации од македонскиот главен град. „Виз ер“ најави дека ќе отвори база на својот втор авион во Скопје и ќе почне летови до четири нови дестинации - Париз, Франкфурт, Келн и Брисел. Од „ТАВ Македонија“ најавуваат и летови до Берлин со „Германија флуг“/„Ер Приштина“, додека веќе од мај ќе почне да лета и „Ал Италија“, и тоа до италијанскиот главен град Рим.

- Интересот на нови авиокомпании за оперирање од и до македонските аеродроми интензивно расте, што за нас како Агенција за цивилно воздухопловство претставува реална потврда на нашата интенција да создадеме брз, ефикасен, безбеден и сигурен воздушен транспорт, достапен до сите - вели Дејан Мојсоски, директор на АЦВ, кој очекува и нов импулс за македонскиот авиосообраќај со отворањето на воздушниот сообраќај над небото над Косово.

ЛИНК НОВА МАКЕДОНИЈА

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika