Вести

  • |

04.08.2014


Еми Џонсон, првата жена-пилот во светот, слетала во Скопје


Пишува Данило Коцевски - Прв пат во "Вест" целосно ќе ја реконструираме приказната за славниот лет на англиската авијатичарка мис Еми Џонсон, на релација од Лондон до Австралија, во мај 1930 година. Особено е интересно што таа приказна е поврзана и со градот Скопје. Еми Џонсон е родена во Хал, 1903 година, студирала на Универзитетот во Шефилд, а краток период работела како книговодителка. Во 1929 година започнала да посетува курсеви по летање и станала страстен вљубеник во авионите и височините. Неполна година потоа се одлучила на храбар чекор, со кој се прославила во светот: сакала да биде првата жена која ќе ја прелета релацијата од Лондон до Австралија. Пред тоа била непозната девојка, но набрзо станала славна и идол на милиони луѓе во целиот свет. Ја нарекувале и "Линдберг девојка" и "кралица на височините". Самата набавила еден од тогашните популарни мали авиони "џипси мос" и со него, на 5 мај 1930 година, летнала од аеродромот "Крејдон" во Лондон кон градот Порт Дарвин во Австралија.

Оттогаш светскиот печат го следел секој детаљ од нејзиниот лет, а таа станала ѕвезда за која сите зборувале. Еве како била следена во весниците нејзината непредвидлива маршрута: "Мис Џонсон е на пат за Карачи", "За 8 дена таа прелета 5.500 милји и пристигна во Калкута", "Мис Џонсон тргнува денес од Рангун за Австралија". Целиот свет бил на нозе и ја следел младата Англичанка. Оштетувањата на авионот самата ги поправала, ја зафаќале силни бури, а се случувало да лета само два метра над површината на океанот. Во Порт Дарвин во Австралија пристигнала на 24 мај 1930 година, пречекана од голема група обожаватели. Повеќето градови во Австралија ја прифатиле со воодушевување, а во Сиднеј ја поздравиле сто илјади луѓе. Во Бризбејн, при слетувањето, авионот $ бил оштетен, а потоа спакуван во делови и испратен за Лондон.

Откако поминала шест недели во Австралија, мис Џонсон го започнала своето враќање со брод и пристигнала во Египет, каде што потоа требало авионски да биде префрлена во Англија. Интересен и помалку познат е податокот дека во април 1930 година, британската компанија "Империјал ервејс" воспоставила линија помеѓу Лондон и Индија, со задолжително слетување во Скопје, и тоа во двата правца. Од Египет, Еми Џонсон долетала во Атина, а потоа во Солун. Скопје го очекувало нејзиното пристигање на 3 август 1930 година, во утринските часови. Каква била атмосферата во градот при пречекот, какви сe детали се познати и зачувани до денес? Славната Еми Џонсон слетала на скопскиот аеродром на 3 август, нешто по седум часот, со авионот на "Империјал ервејс", кој го носел името "Сити оф Глазгов".

Еве како изгледал тој пречек во Скопје според тогашните записи:
"Изутринава во Скопје долета славната англиска авијатичарка мис Еми Џонсон. Скопјани беа воодушевени, особено скопските дами, кои не сакаа да ја пропуштат оваа исклучителна прилика да ја поздрават хероињата која ја прослави својата татковина, но и целиот женски род. Веќе од 6 часот наутро, на аеродромот започнаа да пристигаат пајтони и автомобили на угледни граѓани. Паѓаше в очи големиот број на скопските дами, меѓу кои имаше и неколку постари, во карактеристична скопска народна носија".
Кога слегла од авионот со својата придружба, на славната мис Џонсон прв $ пришол градоначалникот на Скопје, Јосиф Михајловиќ. Ја поздравил на англиски јазик, посакувајќи $ добредојде од името на граѓаните на Скопје и подарувајќи $ прекрасен букет од свежи рози. Била поздравена и од други високи личности од авијацијата и од политиката во градот. Скопјани постојано $ отпоздравувале со мавтање на рацете, а Англичанката, со својата појава и со однесувањето, веднаш ги освоила нивните симпатии.

Понатаму во записите стои:
"Мис Џонсон очигледно беше изненадена и возбудена од толку искрени изрази на симпатија од страна на скопјани. На сите поздрави таа одговараше со 'мерси' (благодарам)".
Непрестајно давала автограми, а кога ја поканиле на појадок во хангарот, одговарала и на прашањата од новинарите и од граѓаните. Прашање: "Зошто одлучивте да летате преку океанот?" Одговор на Мис Џонсон, низ насмевка: "За да станам позната, тоа е во природата на човекот. Главен предизвик ми беше далечината меѓу Лондон и Австралија. На пат со авионот поминав 19 дена"."Кога ви беше најтешко?", - "Тоа беше над океанот, во близина на островот Јава. Навлегов во бура, која траеше пет часа. Тогаш за прв пат се помолив на Бога, и навистина се случи чудо. Авионот се крена над облаците и се појави виножито". Пред тргнувањето за Белград, а оттаму за Лондон, една скопјанка ја поздравила со следните зборови: "Ви благодариме што дојдовте во Скопје, да го посетите нашето место. Дојдете ни повторно. И ви посакуваме наскоро да бидете покрај младоженец". Кога $ го превеле сето ова, мис Џонсон се насмеала од срце. Подоцна изјавила: "Во Скопје имав убав пречек!"

Во Лондон, младата авијатичарка ја пречекале, ни помалку ни повеќе, туку еден милион луѓе! Таа едвај чекала да го види својот репариран авион, кој ја чекал на аеродромот "Крејдон". Мис Еми Џонсон, за жал, загинала млада, во 1941 година, за време на Втората светска војна. При еден лет, авионот со кој управувала, од непознати причини, се урнал во реката Темза. Нејзиното тело никогаш не било пронајдено!

Извор: Вест

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika