Вести

  • |

Скопје, 14.10.2016


Делегација на АЦВ на 39-тото Собрание на ИКАО во Монтреал


Делегација на Република Македонија, предводена од директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија, Горан Јандреоски, учествуваше на 39-тото Собрание на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), кое деновиве се одржа во Монтреал, Канада.

Меѓу точките кои се разгледуваа на Собранието, од посебно значење беше усвојувањето на Резолуцијата за воспоставување мерки засновани врз глобалниот пазар (GMBM), а кои се однесуваат на намалувањето на емисијата на стакленички гасови предизвикана од авијацијата почнувајќи од 2020 година. Оваа резолуција е донесена врз основа на предлогот на земјите членки на ЕСАС изработен согласно Декларацијата усвоена на специјалниот состанок на ЕСАС одржан во Братислава. При утврдувањето на текстот на Резолуцијата посебно внимание беше посветено на проблемите на другите држави и региони - особено со цел да се постигне фер баланс помеѓу државите со различен степен на економски развој.

Мерките засновани врз гобалниот пазар (GMBM) треба да претставуваат прв глобален план за секторско неутрализирање на емисијата на стакленички гасови како заедничка цел за воздухопловство и за животната средина.

Земјите членки на ЕСАС и на некои од другите регионални организации на IСАО јасно ја изразија својата подготвеност на доброволна основа да се приклучат во преземањето на овие мерки уште од самиот почеток.

Во тој контекст, шефот на Делегацијата, Јандреоски, поздравувајќи ги присутните на Собранието во име на Владата на Република Македонија, јасно порача дека, најголемата закана за воздухопловната индустрија и за светот е верувањето дека некој друг ќе го спаси. Со откривањето на воздухоповството, одговорност на човекот е истото да го заштити преку преземање на континуирани мерки и активности. Исто така, во своето излагање, Јандреоски нагласи дека:

- Република Македонија силно ја поддржува работата на Советот на ICAO и текстот од Нацрт-резолуцијата во врска со пакетот на мерки засновани врз глобалниот пазар (GMBM). Република Македонија смета дека пакетот мерки е внимателно подготвен, ефиктивен и добро избалансиран. Тој ја одразува нашата посветеност за поддршка на развојот на воздухопловниот сектор и ги адресира климатските цели насочени кон намалување на емисијата на стакленички гасови почнувајќи од 2020 година, како иден предизвик и дел од нашата глобална одговорност.

Исто така, на 39-тото Собрание на ICAO беше донесена Резолуција за изменување на членови на Чикашката конвенција со цел да се зголеми бројот на членовите на Советот на ICAO од 36 на 40 членови, како и да се зголеми бројот на членовите на Комисијата за воздухопловна навигација на 21 член. Овие зголемувања на бројот на членовите на органите на ICAO се должат на зголемувањето на бројот на земји членки на оваа меѓународна организација, зголемувањето на значењето на меѓународниот воздушен сообраќај за економијата на многу земји, како и на потребата од обезбедување на адекватна застапеност на земјите членки на ICAO. Препорака на Советот на ICAO е сите земји членки да пристапат кон ратификација на измената на членовите на Чикашката конвенција со цел нивно влегување во сила во најкус можен рок.

Вредно е да се напомене дека за прв пат Агенцијата за цивилно воздухопловство учествуваше во изготвувањето и предлагањето на материјали кои беа разгледувани на ова Собрание на ICAO, а кои се однесуваат на подобрувањето на тренингот за обезбедување од дејствија на незаконско постапување при превоз на стока во воздушниот сообраќај, како и за можните активности кои треба да се преземаат од воздухопловните власти и субјектите на воздухопловната индустрија во областа на сајбер- обезбедување.

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika