Вести

  • |

16.10.2019


Хрватската агенција за цивилно воздухопловство во работна посета на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Северна Македонија


Висока делегација на Хрватската агенција за цивилно воздухопловство (ХАЦВ), предводена од в.д заменик директорот на ХАЦВ, Златко Ширац од 08 до 10 октомври годинава, престојуваше во работна посета на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Северна Македонија.

Целта на состанокот на хрватските со македонските воздухопловни власти, беа подготовките за спроведување на проектот Twinning Light “Поддршка за учество во ЕЗВО-Европска заедничка воздухопловна област“ во вредност од 250.000 ЕУР.

Проектот е во насока, на обезбедување стручна експертиза и помош на македонските цивилни воздухопловни власти, и има за цел да се поддржи одржливиот развој на цивилното воздухопловство во согласност со меѓународните стандарди и законските прописи на ЕУ во областа на цивилното воздухопловство. Тоа ќе се постигне преку усогласување на националното законодавство со европското законодавство, односно преку подобрување на капацитетот и техничките надлежности на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Северна Македонија.

Заради подготовка на реализација на проектот двете делегации со своите соработници разменија мислења и искуства поврзани со достигнатото ниво на имплементација на меѓународни стандарди во областа на цивилното воздухопловство. Исто така, на македонските партнери им беше претставен рамковен план за реализација на проектот Twinning Light по поединечни компоненти, а кој ќе почне да се реализира по потпишувањето на договорот.

Потсетуваме дека Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија кон крајот на август објави дека ХАЦВ ќе биде носител на проектот Twinning Light „Поддршка за учество во ЕЗВО-Европска заедничка воздухопловна област“ во вредност од 250.000 ЕУР.

Меѓународниот успех на ХАЦВ, како партнер на македонските воздухопловни власти во споменатиот проект е уште едно признание на успешноста на досегашната работа на ХАЦВ и потврда на институционалната положба на ХАЦВ во рамките на надлежните тела за цивилно воздухопловство во Европската унија. ХАЦВ во изминатите 10 години од своето основање израсна во респектабилен и пожелен партнер во ЕУ, благодарејќи, пред се, на своите човечки потенцијали и системот на вредности за кој се залага, а доказ за тоа е успешно спроведениот Twinning проект во Грузија 2015-2017 во кој ХАЦВ беше помлад партнер на Austro Control GmbH при спроведувањето на проектот.

ЕУ го конципираTwinning како инструмент за административна соработка помеѓу државната администрација на земјите кориснички и институциите на земјите-членки на ЕУ, со цел да се обезбеди помош и да се пренесе знаење за примена и спроведување на законските прописи на ЕУ.

Започнат во мај 1998 год., Twinning е инструмент за помош на земјите кориснички за развој на модерна и ефективна администрација, со развиени структури, човечки ресурси и потребни вештини за управување, како и една од главните алатки на ЕУ за помош при развојот на институциите. Целта на Twinning  е да се даде поддршка на земјата-корисничка преку развој на човечките ресурси, модернизација и реорганизација на државната администрација, како и усогласување на законите и прописите со законските прописи на ЕУ.

 

 

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika