Вести

  • |

12.06.2019


Работилница на тема „Подигнување на свеста за оперирање со дронови од аспект на безбедноста и обезбедувањето во воздухопловството“ во организација на АЦВ


На 11 јуни 2019 год. во организација на АЦВ се одржа работилница на тема „Подигнување на свеста за оперирање со дронови од аспект на безбедноста и обезбедувањето во воздухопловството.“ Оваа работилница е дел од активностите на АЦВ за промовирање на безбедноста преку подигнување на свеста во насока на постојано подобрување на националниот воздухопловен систем.

Преку презентации на вработените во АЦВ, претставниците на воздухопловната индустрија имаа можност да се запознаат со меѓународната регулатива и националната легислатива за оперирање со воздухоплови без екипаж, како и со аспектите поврзани со безбедноста на воздушниот сообраќаj и обезбедувањето од акти на незаконско постапување кои влијаат на оперирањето со воздухоплови без екипаж.

Дискусијата беше збогатена со претставување на сознанија и размена на искуства поврзани со  најавување и безбедносна подготовка за оперирање на воздухоплови без екипаж од страна на претставникот на Давателот на услуги на воздухопловна навигација-М-НАВ. На работилницата дел од своите активности поврзани со оваа област презентираше и Министерството за внатрешни работи, истакнувајќи го значењето на ограничувањата и мерките на безбедност при неовластено оперирање на воздухоплови без екипаж.

Присутните претставници на воздухопловната индустрија имаа можност да ги искажат своите мислења, како и да постават прашања наменети за појаснување на примената на прописите и соодветното придржување кон безбедносните ограничувања за оперирање на воздухоплови без екипаж.

Агенцијата за цивилно воздухопловство јасно ја изрази својата поддршка за развој на можностите за оперирање на воздухоплови без екипаж за комерцијални и рекреативни цели, но воедно ја истакна и својата одговорност за безбедна интеграција на операциите со воздухоплови без екипаж во севкупниот воздухопловен систем. Во текот на работилницата беше покрената и иницијатива за организирано и институционално делување на сопствениците и операторите на воздухоплови без екипаж и беа предложени конкретни активности за нејзина реализација. На овој начин, АЦВ ја потврди својата посветеност кон подобрување на комуникацијата помеѓу регулаторот и индустријата, како и кон активно вклучување на сите чинители на воздухопловниот систем во активностите за подигнување на нивото на безбедноста во областа на воздухопловството.

 

 

  • CAA
  • |
  • Dame Gruev 1, 1000 Skopje
  • |
  • Phone + 389 2 3114 046
  • |
  • Fax + 389 23 115 708

developed by artistika