д-р Томислав Тунтев, директор на АЦВ: ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ЕВРОПСКОТО ВОЗДУХOПЛОВСТВО ВО 2020 ГОДИНА
Вкупно 44 европски држави своите национални воздухопловни политики и практики ги усогласуваат во рамките на Европската конференција за цивилно воздухопловство (ECAC – European Civil Aviation Conference). Мисијата на ЕСАС е промовирање на континуиран развој на безбеден, ефикасен и одржлив европски воздухопловен сообраќаен систем преку меѓусебно разбирање и соработка на државите – членки, како и со останатите делови од светот.Тоа значи дека заедничките интереси на сите европски држави во сферата на цивилното воздухопловство се дефинираат, канализираат и координираат преку телата и органите на оваа најголема пан-европска воздухопловна организација.
Според генералната политика и документите на ЕСАС, приоритетите на европското воздухопловство за 2020 година можат да се сумираат околу следните 5 теми:
- воспоставување на поефикасен надзор врз безбедноста на воздушниот сообраќај за нејзино константно унапредување во услови на одржување на високо ниво на капацитет и ефикасност на транспортниот систем;
- вложување на максимални напори за унапредување на одржливоста на воздухопловниот транспортен систем и заштитата на животната средина;
- промовирање на повисоки стандарди во областа на обезбедувањето и олеснувањето во воздушниот сообраќај;
- имплементирање на транспарентна и агилна легислативна рамка за примена на иновативни и современи технологии;
- преземање на дополнителни мерки и активности за економски одржлив глобален воздухопловен транспортен систем.
Македонија е полноправна членка на ЕСАС од јули 1997 год., што значи обврска и должност на сите релевантни институции и организации во државата од сферата на воздухопловството доследно да се придржуваат кон утврдените приоритети.
Безбедност и воздухопловна навигација (Safety and Air Navigation)
Во текот на 2020 година ќе се продолжи со градењето на флексибилен и отпорен воздухопловен транспортен систем, што ќе овозможи превенирање на воздухопловни незгоди, несреќи и сериозни инциденти, но и соодветна и ефикасна реакција доколку дојде до нивно случување. Тоа вклучува имплементација на ефикасен систем за управување со ризиците, ефикасно и независно истражување на настанатите незгоди, несреќи и сериозни инциденти, компетентен (стручен и обучен) персонал, јасно и прецизно дефинирани и утврдени одговорности на сите субјекти во системот и флексибилност за адаптација во однос на новонастанатите услови.
Растечките барања за воздушен превоз, константниот пораст на бројот на прелети на европското небо и подобрувањето на оперативните, експлоатационите и техничките перформанси на воздухопловите предизвикуваат потреба од проширување на ограничените капацитети на постоечките системи за управување и контрола на воздушниот сообраќај, што ќе значи неопходна потреба од нивна брза и ефикасна трансформација и модернизација преку преземање на иновативни технолошки процеси и дигитализација.
Недостатокот од стручни кадри во регулаторните државни тела за инспекциски надзор, со кој се соочуваат најголем број од државите поради одливот на искусниот обучен воздухопловен персонал во авиоиндустријата, се очекува да биде надминат или барем ублажен со зголемени инвестиции во соодветни стручни обуки и потесна регионална соработка за заедничко користење на инспекторскиот кадар.
Обезбедување од дејствија на незаконско постапување (Aviation Security)
Во сферата на обезбедувањето од дејствија на незаконско постапување во воздухопловството акцент ќе биде ставен врз поддршката на имплементацијата на Глобалниот план за обезбедување во воздухопловството на ИКАО (Меѓународната организација за цивилно воздухопловство). Исто така, актуелни ќе бидат и прашањата за реафирмација на ставот за давање на подеднаква важност на обезбедувањето (security) и безбедноста (safety) во воздухопловството, изнаоѓање на ефикасни механизми за ефективна и доследна имплементација на стандардите и препорачаните практики од ИКАО Анекс 17, целосна поддршка на иницијативната развојна програма „Ниту една земја да не заостане“ на ИКАО и целосна поддршка на Глобалната стратегија за сајбер-обезбедување преку изработка на акциони планови со конкретни одредници за развивање на зрела рамка за обезбедувањето во сферата на компјутерските и информатичките технологии.
Олеснување во воздухопловството (Aviation Facilitation)
Евидентен е постигнатиот напредок во европските држави во подобрувањето и оптимизацијата на движењето на воздухопловите, патниците, екипажите и каргото преку имплементација на мерки и активности за олеснување како клучен аспект за одржлив пораст на сообраќајот. И во 2020 година акцент ќе биде ставен врз процесирање на патниците преку системите за евиденција на патничките лични податоци (PNR – Passenger Name Record) со развој и имплементација на глобална рамка за одговорно, совесно и законско располагање со податоците. На тој начин ќе се обезбеди адекватна заштита на личните податоци и целосно почитување на универзалните човекови права и фундаментални слободи, вклучувајќи ја заштитата на приватноста.
Исто така, ќе се продолжи со практиката на давање на соодветна помош и поддршка на семејствата од жртвите во авионски несреќи и сериозни инциденти.
Европските држави силно ги поддржуваат сите активности на надлежните меѓународни и национални институции во борбата против незаконската трговија со луѓе. За таа цел ќе се продолжи со реализација на стручните обуки што се однесуваат на имплементацијата на стандардите и препораките од ИКАО Анекс 9 што се однесуваат на известувањето и алармирањето при постоење на сомневање за недозволена трговија со луѓе во воздухопловството и подигнувањето на свеста на сите воздухопловнин субјекти за овој актуелен проблем.
Конечно, се очекува посебен акцент да биде ставен на понатамошната доследна имплементација на стандардите и препорачаните практики за заштита на правата на лицата со ограничена мобилност, односно за обезбедување на целосен и непречен пристап на патниците со посебни потреби во рамки на транспортната воздухопловна инфраструктура.
Заштита на животната средина
Енормниот пораст на физичкиот обем на сообраќај на европското небо создава нови еколошки предизвици за сите субјекти во глобалниот транспортен воздухопловен систем. Тоа најмногу се однесува на заштитата на луѓето од бучава и на редукција на емисијата на јагленородниот диоксид во борбата против глобалните климатски промени. Европските држави силно се залагаат за доследна и неодложна имплементација на CORSIA – сеопфатна глобална развојна шема на ИКАО за редукција и анулирање на карбонските емисии во воздухопловството.
Економски прашања
За прашањата од сферата на воздухопловството кои имаат импакт врз економскиот развој на европските држави, во 2020 година акцент ќе биде ставен врз имплементацијата на долгорочната визија на ИКАО за либерализација преку промоција на фер конкуренција помеѓу превозниците и отворен пазарен пристап, намалување и анулирање на државниот интервенционизам, поддршка на меѓународни инвестиции за развој на воздушните превозници, унапредување на заштитата на работничките права, меѓународна размена на искуства, идеи и позитивни практики во областа на заштитата на патничките права, како и целосна поддршка на независноста и адекватното финансирање на националните регулаторни тела за ефикасен надзор врз субјектите во авиоиндустријата.
Правни прашања
Во врска со прашањата што се поврзани со примената на меѓународното воздухопловно право, европските држави ќе продолжат со целосна поддршка на потпишување и ратификација на сите усвоени и донесени меѓународни воздухопловни правни инструменти што треба да овозможат непречен развој и одвивање на глобалниот воздухопловен транспортен систем. Во тој контекст, актуелни се прашањата околу правното регулирање на потребата од користење на глобалните сателитски системи за навигација, донесувањето на нови меѓународни конвенции и протоколи за унапредување на безбедноста во воздушниот сообраќај, промоција на адекватни правни рамки за развој на меѓународни воздухопловни активности на „новите учесници“ – беспилотни летала во комерцијалниот превоз, воздухопловни такси во урбаните средини, примената на новите технологии во сферата на воздушниот сообраќај – се’ во насока на остварување на очекуваните придобивки на субјектите во авиоиндустријата, патниците и, воопшто, на сите засегнати страни во сферата на воздухопловството.
Јануари, 2020 год.
д-р Томислав Тунтев
Директор на АЦВ