Откажување на лет

Доколку вашиот лет е откажан – без разлика на тоа кога сте биле информирани за откажувањето – вашиот авиопревозник треба да ви понуди една од следните опции:

Опција 1 – Пренасочување најблиску до оригиналното време за полетување;

Опција 2 – Пренасочување на подоцнежен датум или

Опција 3 – Надомест на трошоците на билетот кој не е искористен.

Запомнете дека доколку изберете да бидете пренасочени во најкус можен рок авиопревозникот е должен да ви овозможи “Право на згрижување” додека го чекате вашиот алтернативен лет.

Правото на згрижување се состои во следното:

  • Оброк и пијалоци за освежување (во разумен сооднос со времето на чекање);
  • Хотелско сместување (кога преноќувањето станало неопходно);
  • Транспорт помеѓу аеродромот и хотелот (кога за тоа има потреба) и
  • 2 телефонски повици/факс/е-маил.

Доколку авиопревозникот не ви го обезбеди горенаведеното “Право на згрижување” и принудени сте истото да го остварите во сопствен аранжман, треба да ги зачувате сите сметки бидејки ви следува надомест на разумно направените трошоци.

Вашите останати права варираат во зависност од тоа кога сте биле информирани за откажувањето на летот.

Доколку сте добиле известување за откажување на летот во период помал од 7 дена од денот на планираниот лет, и сте ја избрале Опција 1 дадена погоре и сте добиле пренасочување на лет кој поаѓа не подоцна од 1 час пред времето на полетување на оригиналниот лет и пристигнува не подоцна од 2 часа од времето на пристигнување на оригиналниот лет немате право на надомест од страна на вашиот авиопревозник.

Меѓутоа, доколку сте ја избрале Опција 1, а сте добиле пренасочување надвор од горе-наведените временски рамки имате право на надомест од страна на вашиот авиопревозник, освен во случаите каде авиопревозникот може да докаже дека откажувањето на летот било предизвикано од вонредни околности кои не можеле да се избегнат иако се презеле сите разумни мерки.

Доколку сте добиле известување за откажување на летот во период помеѓу 7 дена и две недели од денот на планираниот лет, и сте ја одбрале Опција 1 дадена погоре и сте добиле пренасочување на лет кој поаѓа не подоцна од 2 часа пред времето на поаѓање на оригиналниот лет и пристигнува не подоцна од 4 часа од времето на пристигнување на оригиналниот лет немате право на надомест од страна на вашиот авиопревозник.

Меѓутоа, доколку сте ја избрале Опција 1, а сте добиле пренасочување надвор од горе-наведените временски рамки имате право на надомест од страна на вашиот авиопревозник, освен во случаите каде авиопревозникот може да докаже дека откажувањето на летот било предизвикано од вонредни околности кои не можеле да се избегнат иако се презеле сите разумни мерки. 

Доколку сте добиле известување за откажувањето на летот во период подолг од 2 недели од денот на планираниот лет немате право на надомест од страна на вашиот авиопревозник.

Запомнете дека во ситуациите каде во еден град или регион има повеќе аеродроми и вашиот авиопревозник ви понуди да ве пренасочи на различен аеродром, авиопревозникот е дожен да ги сноси трошоците за вашиот транспорт од алтернативниот аеродром до оригиналниот аеродром (или на друга дестинација во близина, по претходен договор со вас).

 Компензација 

Износот на компензацијата која се исплаќа зависи од растојанието на летот. Доколку летот е класифициран како:

  • Краток превоз, износот кој се исплаќа е 250 евра по патник.
  • Превоз со средно времетраење, износот кој се исплаќа е 400 евра по патник.
  • Долг превоз, износот кој се исплаќа е 600 евра по патник.

Доколку помеѓу вас и вашиот авиопревозник настане спор за тоа дали постојат вонредни околности кои не може да се избегнат или за исплата на компензација, истиот треба да биде проследен до соодветното надлежно тело.

Skip to content