Членство во меѓународни организации
ICAO - International Civil Aviation Organisation
(Меѓународна организација за цивилно воздухопловство)
Формирана е како специјализирана агенција на Обединетите нации за време на Чикашката конференција за цивилно воздухопловство, одржана на 7 декември 1944 година во Чикаго. Седиштето на оваа организација е во Монтреал, Канада и нејзина задача е, во соработката со нејзините земји членки, да обезбеди меѓународното цивилно воздухопловство да се развива на сигурен, безбеден, редовен и ефикасен начин, а врз основа на принципот на еднаквост и рамноправност на сите субјекти, учесници во воздушниот сообраќај. Во моментов во неа членуваат 193 земји. Република Македонија стана членка на оваа Организација на 09.01.1993 г.одина со прифаќање на Меѓународната конвенција за цивилно воздухопловство (тн. Чикашка Конвенција) согласно Уставниот закон од 1991 година. Повеќе податоци за структурата, работата како и документите што ги издава оваа Организација, може да се најдат на нејзината интернет страна: www.icao.org
ЕCAC- European Civil Aviation Conference
(Европска конференција за цивилно воздухопловство)
Основана е како меѓувладина организација во 1955 г. со седиште во Париз, Франција, за унапредување на континуираниот развој на безбеден, ефикасен и одржлив систем на воздушниот сообраќај во Европа. Со својата долгогодишна работа на полето на цивилното воздухопловство, со пан-европското членство и тесните врски со Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) овозможуваат таа да служи како единствен европски форум за решавање на сите крупни прашања од сферата на воздухопловството. Република Македонија стана земја членка на Организацијата на 03.07.1997 г. Во неа членуваат 44 земји, речиси цела Европа и повеќе податоци за структурата, работата и документите што ги издава оваа Организација може да се најдат на нејзината интернет страна: www.ecac-ceac.org.
EUROCONTROL - European Organisation for the Safety of Air Navigation
(Европска организација за безбедност на воздушната навигација)
Формирана е во 1960 г., со седиште во Брисел, Белгија, со цел да се унапреди соработката во областа на системите на контролите на летање во Европа и на тој начин да се зголемат капацитетите на утврдените коридори во високиот воздушен простор. Примарна цел на оваа Организација е воспоставување на беспрекорен, пан-европски систем за организација на воздушниот сообраќај и затоа таа претставува витален инструмент за постигнување на највисоки стандарди во оваа област и водач на континуираниот развој на воздушната навигација на Европа. Таа е сочинета од 41 земја и Европската Заедница. Република Македонија стана земја членка на оваа Организација на 01.11.1998 година. Повеќе податоци за структурата, работата и документите што оваа Организација ги издава може да се најдат на нејзината интернет страна: www.eurocontrol.int
ЈАА - Joint Aviation Authorities
(Здружени воздухопловни власти)
Придружно работно тело на Eвропската конференција за цивилно воздухопловство (ЕСАС), со седиште во Хопдорф, Холандија, коешто ја започнува својата работа во 1970 г., со цел да се донесуваат, развиваат и спроведуваат заеднички унифицирани процедури, барања и стандарди во областа на сигурноста на воздушната пловидба. Агенцијата за цивилно воздухопловство стана членка на ова тело на 03.12.2008 година кое згасна како такво на 30 јуни 2009 година, но истото премина во Европската агенција за воздухопловна безбедност (European Aviation Safety Agency- EASA).
Интернет страна: www.jaato.com
EASA - European Union Aviation Safety Agency
(Агенција на Европската Унија за безбедност во воздухопловството)
Статус на набљудувач
Формирана е во 2003 година, но целата функционалност ја постигнува со преземањето на функциите од Здружените воздухопловни власти (ЈАА) во 2008 година. Седиштето на Агенцијата е во Келн, Германија. Агенцијата врши конкретни регулаторни и извршни задачи на полето на воздухопловната безбедност коишто всушност се дел од клучните стратегии на Европската Унија за воспоставување и одржување на највисоки заеднички стандарди поврзани со воздухопловната безбедност и заштитата на животната средина во Европа.
Агенцијата е надлежна за издавање на спецификации за сертификација, прифатливи начини за усогласување и упатства за примена, сертифицирање на авиони, мотори, пропелери, делови и неинсталирана опрема, одобрување одредени организации вклучени во воздухопловни активности во ЕУ и во странство, овластување на авиопревозници од трета земја да летаат во ЕУ, да и помага на Европската комисија во следењето на правилната примена на заедничките барања за воздухопловна безбедност од страна на земјите-членки на ЕУ и да соработува со странски цивилни воздухопловни власти, како и слични регионални и меѓународни организации, со цел да се зацврсти безбедноста во воздухопловството во Европа и во светот.
Во неа членуваат воздухопловните власти од 31 земја, од кои 27 се земјите членки на Европската Унија, а дополнителни четири земји се Швајцарија, Исланд, Норвешка и Лихтенштајн.
Повеќе податоци за нејзината структура и работа можат да се најдат на интернет страната: www.easa.europa.eu