Алфа ТВ, 10.02.2010

 

Царинските службеници на Аеродромот „Александар Велики“ спречија обид за нелегално изнесување на околу 2,5 килограми златен накит чија вредност е проценета на околу 36.000 евра.

Златото е пронајдено во личниот багаж на турскиот државјанин со иницијали Б.Г. кој требало да лета за Истанбул. Б.Г. и покрај тоа што не пријавил ништо за царинска контроли бил упатен на детален преглед при што по скенирањето на неговиот багаж, царинските службеници пристапиле кон преглед на багажот при што го пронашле златото завиткано во алуминиумска и најлонска фолија ставено меѓу облеката. Пронајдени се 6 прачки злато, една голема плочка, три златници (еден француски, еден австриски и еден со ликот на Гоце Делчев), една плочка од 5 грама, четири ланчиња од кои три со привезок, две нараквици (една бела и една жолта), три привезоци, шест обетки и еден прстен.

Златото е предадено на вештачење во Златара „Рубин Кармин“, од каде е потврдено дека една од прачките е 18 каратна, две прачки, големата плочка и обетките се 14 каратни, златниците и плочката од 5 грама се 24 каратни, а останатиот накит е со различна чистота. За прачките пак се претпоставува дека се излиени на аматерски начин со претопување на стар златен накит. Против лицето Б.Г. е поднесена кривична пријава за криумчарење на стока со значителна вредност.