Телма, 10.02.2010

 

Интензивните снежни врнежи што ја зафатија Македонија од претпладнето го отежнаа одвивањето на авиосообраќајот на скопскиот аеродром и предизвикаа доцнења во меѓуградскиот и железничкиот сообраќај.

На аердромот „Александар Велики“ во Скопје нема услови за слетување поради намалена видливост од снежните врнежи. Доцнат дел од авионите што требаше да слетаат на аеродромот во Скопје, а дел се пренасочуваат на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, информираат службите на скопксиот и на охридскиот аердором. Меѓуградскиот и железничкиот сообраќај се одвиваат редовно, но со доцнења. Пристигнувањето на автобусите е со доцнење до половина час.

Според Автомотосојузот на Македонија, врнежите од снег го отежнаа и забавија сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата. Поради поинтензивни врнежи од снег и поголеми остатоци од снег на коловозот, на планинскиот превој Стража од 12 часот и 50 минути е воведена забрана за движење на тешките товарни возила, додека за патничките возила се препорачува употреба на зимска опрема.

Отежнато движење е забележано и на планинските превои Плетвар, Ѓавато, Буково и Пресека, но засега без забрани за движење на возилата. На тие планински превои за товарните возила е задолжителна употреба на зимската опрема.