МИА, 11.02.2010

 

Новите менаџери на аеродромите во Македонија денеска на синдикалните претставници, во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, им понудиле писмени гаранции дека ќе нема отпуштања од работа, ниту намалување на платите во следните седум години.

Гаранциите, според синдикалните претставници, се темелат на концесискиот договор со турски ТАВ, кој од 2 март и официјално треба да ги преземе аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Св.Апостол Павле“ во Охрид и во наредните две години да ги модернизира.

Претседателите на самостојниот и на независниот аеродромски синдикат Стево Трајковски и Марјан Илиевски по средбата во Министерството за транспорт и врски изјавија дека им бил ставен на увид делот за кадровската политика од концесискиот договор меѓу Владата и концесионерот, кој предвидува да нема отпуштања, ниту намалени плати во следните седум години. – Добивме увид во договорот меѓу ТАВ и Владата за нашите работнички права во следните седум години, односно дека ќе се заджат вработените, изјави Стево Трајковски, претседател на Самостојниот аеродоромски синдикат.

Според синдикалните претставници, менаџерите на ТАВ ветиле дека содржината во писмените гаранции ќе биде дел и од колективниот договор кој ќе го потпишат по официјалното преземање на аеродромите од ТАВ. Новите договори за работа што ги добија вработените треба да ги потпишат во рок од 15 дена. Поради финансиската криза инвестицијата на ТАВ во Македонија досега беше одложена два пати.

Во случај да не се реализира последното ветување од турскиот инвеститор Владата најави дека ќе ја активира банкарската гаранција, во износ од шест милиони евра.