Вечер, 11.02.2010

 

Новите менаџери на македонските аеродроми кои од втори идниот месец и официјално ги преземаат Александар Велики” во Скопје и Св. Апостол Павле” во Охрид, вчера писмено им гарантираа на вработените дека нема да има отпуштања ниту намалување на платите во делот на надоместоците што не им беа наведени во поединечните договори од ТАВ Македонија и тоа во наредните седум години.

Откако ја разбрануваа јавноста со сомнежот дека новите менаџери ќе им ги намалат сегашните бруто-плати, по средбата со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и менаџерите од ТАВ Македонија, синдикатите излегоа со оптимистички ставови. Изјавија дека на средбата ги разјасниле дилемите откако на увид им бил ставен и делот на кадровската политика од концесискиот договор меѓу Владата и концесионерот, турски ТАВ, во согласност со кој нема отпуштања ниту намалени плати. – Добивме увид во договорот меѓу ТАВ и Владата за нашите работнички права, според кој во следните седум години ќе се задржат сите вработени во аеродромите – изјави по средбата Стево Трајковски, претседател на самостојниот аеродромски синдикат.

На вработените им било ветено дека содржината во писмените гаранции ќе биде дел и од колективниот договор што ќе го потпишат по преземање на аеродромите од страна на ТАВ Македонија. – Договорите за работа кои вработените ги примија во понеделникот, во рок од 15 дена ќе треба потпишани да ги достават, во спротивно ќе значи дека не сакаат да продолжат со работниот однос под ингеренции на новите менаџери – изјавија од синдикатот.

На скопскиот и охридскиот аеродром како вработени се водат над 840 лица. Според договорите веќе е започната распределбата на работници на други работни места и тоа во сектори каде што работата ја вршат ќерки-компании на концесионерот ТАВ. Во меѓувреме, Владата е во потрага по консултант кој ќе врши надзор дали турски ТАВ ќе ги реконструира аеродромите во согласност со договорот за концесија. Се бара компанија која ќе дава консултантски, архитектонски и инженерски услуги во период од две години.