Утрински весник, 18.02.2010

 

Загубата на „Кроација ерлајнс“ во 2009 година изнесува околу 110 милиони куни поради намалување на бројот на патници ЗАГРЕБ – Хрватската национална авиокомпанија „Кроација ерлајнс“ од банкрот би можел да ја спаси најголемиот европски авиопревозник „Луфтханза“.

Откако Иван Мишетиќ, претседател на управата на „Кроација ерлајнс“, обелодени за „Јутарњи лист“ дека авиокомпанијата се бори со тешкотии и дека единствено може да ја спаси продажба, во деловните кругови почнаа да кружат гласишта дека германскиот партнер „Луфтханза“ има намера да ја купи. Во големи финансиски проблеми се и другите авиокомпании во опкружувањето, на пример, српската ЈАТ.

Но, поголеми се шансите некој да ја купи „Кроација ерлајнс“ отколку ЈАТ, бидејќи составот на српскиот авиопревозник е голем, па тешко може да се направи профитабилен. „Приватизацијата на ’Кроација ерлајнс‘, секако, е едно од можните сценарија за иднината на оваа компанија, но дали таа ќе се спроведе и по кој модел ќе одлучи сопственикот. Не можеме да претпоставуваме за потенцијалните купувачи или партнери“, порачуваат од компанијата.Загубите во работата на „Кроација ерлајнс“ во 2009 година беа околу 110 милиони куни.

Во компанијата тврдат дека на загубата на фирмата влијаело, пред се’, намалувањето на бројот на патниците. Во домашниот превоз намалувањето изнесувало 9 отсто. Намалувањето, пак, на бројот на деловните патници било 34 проценти. За „Кроација ерлајнс“ проблем е што нафтената компанија ИНА побара да плаќа годишен надомест за стратегиски резерви на нафта, додека странските компании што летаат во Хрватска не плаќаат. Покрај тоа, оваа компанија е оптоварена со монополи.

Гориво смее да купи само од ИНА, а потребите за снабдување на авионите мора да ги набавува само од аеродромите. Меѓутоа, она што посебно го потресе домашниот авиопревозник е минатогодишната одлука на Управата на контролата на летови дека оваа авиокомпанија мора да плаќа терминалски надомест.

Инаку, „Кроација ерлајнс“ и „Луфтханза“ веќе шест години се стратегиски партнери, па тоа е една од причините зошто се најголеми изгледите хрватската авиокомпанија да ја купи токму таа германска компанија. „Кроација ерлајнс“ во 2004 година стана дел на едно од најпрестижните здруженија за патнички воздушен сообраќај во светот, под името „Стар алијанс“ и тоа преку регионално партнерство што го предводи германската „Луфтханза“.