МИА, 20.02.2010

 

Вашингтон, 19 февруари (МИА) – Патнички авион слета денеска во Порт-о-Пренс првпат по земјотресот од 12 јануари, во кој во престолнината на Хаити и регионот загинаа над 217.000 лица.

По земјотресот аеродромот во Порт-о-Пренс опслужуваше единствено хуманитарни летови. Пристигнатиот авион е на авиокомпанијата „Американ ерлајнс“, која денеска ги обнови патничките летови меѓу Мајами и престолнината на Хаити.

Едниот од пилотите го развеа знамето на Хаити од прозорецот на пилотската кабина по слетувањето на единствената писта на меѓународниот аеродром „Тусен-Лувертјур“. „Американ ерлајнс“ ќе предложи два лета дневно од Мајами и еден од Форт Лодердеил, исто така на Флорида. Четирипати неделно ќе биде обезбеден лет и од њујоршкиот аеродром Кенеди.