МРТ, 01.03.2010

 

Министерството за транспорт и врски постојано ќе спроведува надзор на начинот на вршење на концесиската дејност и реализација на склучениот договор со турската компанија ТАВ. Ова денеска на скопскиот аеродром „Александар Велики“ го изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски на церемонијата по повод предавањето на управувањето со македонските аеродроми на компанијата ТАВ. Јанакиевски информираше дека во финална фаза е ангажирање на консултантски тим што ќе ја следи инвестицијата на ТАВ и ќе доставува извештај до македонската влада. Изградбата на карго аеродромот „Филип втори“ во Штип е дел од договорот и концесионерот е обврзан да го изгради овој карго аеродром, појасни Јанакиевски, демантирајќи одредени шпекулации дека нема да се гради аеродром кај Штип. Тој додаде дека пролонгирањето на изградбата на штипскиот аеродром е само поради меѓународно пропишаните стандарди за изготвување на метеоролошка студија за движење на ветровите во овој регион и дека изградбата ќе започне за десет години. „Владата нема да отстапи од изградба на карго аеродром во Штип, со што овој регион ќе прерасне во главен карго аеродром и ќе функционира како алтернативен аеродром за потребите на цивилната авијација“, рече Јанакиевски. Тој денешниот ден го оцени за историски бидејќи се означува почетокот на инвестирање во модернизација на воздухопловната инфраструктура. Компанијата ТАВ ќе управува со аеродромите Александар Велики и Св.Апостол Павле во наредните 20 години, а за возврат е обврзана да ги модернизира, за што ќе вложи 200 милиони евра. ТАВ на скопскиот аеродром ќе гради нова терминална зграда за патници, продолжена писта, паркинг површина, административна зграда, карго терминал, противпожарна станица, ќе го отстрани воениот аеродром, ќе обезбеди потребна инфраструктура и ќе ја одржува постоечката опрема. На охридскиот аеродром, ТАВ ќе го реновира просторот за патници, ќе го опреми карго терминалот, ќе гради нов хангар и нов ВИП терминал, ќе ја зголеми паркинг површината и ќе ја реконструира административната зграда. Оперативниот директор на ТАВ, Мурат Орнекол најави дека реконструкцијата на аеродромите ќе започне до крајот на месецот, а се очекува скопскиот аеродром да биде готов за 20 месеци, а охридскиот за 12 месеци. „Македонија значи влезот во Европа за ТАВ. Македонија е земја со стратешко значење за светската економија и политика“, изјави Орнекол. Тој информираше дека ТАВ во минатата година оперирал 375.000 илјади летови, со кои биле превезени околу 42 милиони патници на близу 300 компании. Услугите на скопскиот аеродром во иднина ќе им бидат понудени на сите 300 авиокомпании, со кои има соработка ТАВ, истакна Орнекол. Турскиот амбасадор Хасан Окчал изрази надеж дека инвестицијата на ТАВ ќе повлече и други турски компании да инвестираат во Македонија. Турската компанија беше избрана за концесионер на македонските аеродроми минатата година, а владата, поради економската криза на ТАВ на два пати му го продолжуваше рокот за примопредавање на аеродромите.