Дневник, 16.04.2010

 

Поради облаците од вулканска пепел денеска од 10 часот по локално време ќе биде затворен и целиот воздушен простор над Полска, соопшти портпаролот на полската авиокомпанија „ЛОТ“ Јацек Балцер.

Тој додаде дека сите летови се откажани до 18 часот. Во меѓувреме, метеоролозите се воздржуваат од подолгорочни прогнози, објаснувајќи дека состојбата се менува секој час.

Поради проблемите кои ги создаде вулканската активност, австралиските авиолинии „Кантас“ ги откажаа летовите до големите меѓународни аеродроми во Лондон и Франкфурт.Летовите до Европа ги откажаа и двете јапонски авиокомпании „Џал“ и „Ол Нипон ервејз“.Франкфуртскиот аеродром, кој е најголем во Германија и трет по големина во Европа, ќе биде затворен од осум часот по локално време.

Од синќа се затворени аеродромите во Берлин, Хамбург, Хановер и Бремен. Засега нема опасност за аеродромот во Минхен.