МРТ, 16.04.2010

 

Облакот вулкански пепел и прашина, кој во четврток предизвикува проблеми во авиосообраќајот во северна и западна Европа, почна да се поместува кон југоисток. Агенциите јавија дека денеска е затворен и воздушниот сообраќај во делови од Чешка, а за попладне е најавено затворање на небото над Австрија. Затворен е и најголемиот германски аеродром во Франкфурт. Делумно или целосно е затворен авиосообраќајот во над десет европски држави. Целосна забрана има во Ирска, Велика Британија, Холандија, Белгија, Данска, Шведска, Финска, Норвешка и Естонија, а делумна во Германија, Франција и Чешка. Според Еуроконтрол денеска ќе бидат откажани 60 отсто од сите летови по Европа, односно околу 17 илјади. Претпладнето од планираните 300 прекуокеански летови, реализирани биле одвај третина.