Алфа ТВ, 17.04.2010

 

Голем број аеродроми во северна и западна Европа и денеска ќе бидат затворени поради огромниот облак од пепел, кој се подигна во атмосферата по ерупцијата на вулкан во Исланд.

Облакот пепел се движи во правец на југ, така што ќе ги зафати јужна Франција, преку севрна Италија до западен Балкан.Колку ќе трае и како ќе се шири ќе зависи од два фактора: дали исландскиот вулкан под глечерот Ајафјалајакул ќе продолжи да исфрла тони прав и каде ќе дува ветрот.

Научниците велат дека ерупцијата може да трае со месеци, а хаосот може да расте со секое ново испуштање на базалтен прав од вулканот.За разлика од поранешните ерупции, оваа се случува во време на големата светска зависност од масовната употреба на авиони, што ја покажува ранливоста на современото општество.

Авиокомпаниите соопштија дека сега дневно губат 200 милиони долари само поради откажаните на летови, не сметајќи ги тука трошоците за згрижување на патниците блокирани на аеродромите. Во петокот, не беа осварени над 16 илјади летови во Европа.

Светската здравствена организација предупреди дека вулканскиот пепел може да предизвика тешкотии во дишењето и оние што имаат проблеми со дишењето треба да останат во домовите.