18.04.2010

 

Облакот со пепелта од исландскиот вулкан ја покри Македонија. Имал силен интензитет во ноќните часови. Утрината е намален, но според прогнозите се очекува во текот на наредната ноќ просторот над државата да биде исполнет со пепел. Здравствените власти во Скопје смируваат – се додека пепелта останува во горниот дел од атмосферата не постои ризик по здравјето.

Според проценките на Светската здравствена организација не се очекува слојот со штетни материи да се спушти ниско на земјата и да ги загрози човечките животи. Воздушниот простор над Македонија, по примерот на многу европски држави, е затворен за авиони. Денеска единствено слетаа патниците од Истанбул. Сите останати летови се откажани.

Кога ќе проработат македонските аеродроми е неизвесно и зависи од пепелта која го загрози авио сообраќајот во Европа. Домашните компании не излегуваат со проценки за штетите, иако на светско ниво се пресметани милијарди долари. До денеска откажани се 40 илјади летови. Пробните успешни летови на холандската КЛМ и на германската Луфтханза за сега нема да ги сменат забраните за летање. Нивните авиони летале над западна Европа и по слетувањето не се забележани никакви оштетувања на леталата, иако се предупредува дека пепелта може да ги оштети аеродинамичните делови на авионот, моторите и електричниот систем.

Двете компании ќе се обидат да воведат неколку авионски линии, но непознато е дали ќе им се дозволи, а уште помалку кога ќе се нормализира сообраќајот.