А1, 18.04.2010

 

Природата го одложува на неодредено време крајот на колапсот во кој падна авиотранспортот во поголемиот дел од Европа. Воздухопловните власти од Британија ја продолжуваат забраната за летање од ден во ден.

Неизвесноста ја зголемува нервозата и ја зоврива атмосферата на аеродромите. Метежот се пресели на железничките и автобуските станици. Возот како прва алтернатива на авионот, за најбрз транспорт стана особено популарен деновиве. Вагоните се преполни, а билетите букирани со недели однапред.

Во Лондон на секоја поголема железничка станица, сликата е иста, долга колона патници пред шалтерите, луѓето не веруваат дека билетите се распродадени.Вулканот на Исланд им отвори нова работа на препродавачите, од пред стадионите тие се преселија пред железничките станици. Особено на цена е возот Лондон – Брисел, како можност за најбрзо заминување од островот. Билет за оваа линија е невозможно да се најде. Слично е и со останатите дестинации.

Билет кој вообичаено чини 50 евра, деновиве се продава за повеќе од 400. Плаќаат само оние кои мораат. Спокојни можат да бидат само тие кои се обратиле на железницата пред исландската ерупција да го фрли на колена авиосообраќајот. Најстрашно од се е што никој не знае до кога ќе потрае оваа состојба.

Во британската престолнина се проширија гласини дека неможноста за летање ќе потрае до крајот на април. На таквите информации им се радува единствено „црниот пазар“.