Дневник, 19.04.2010

 

Неизвесната ситуација со авионските летови на скопскиот аеродром продолжи и вчера. Состојбата се менува од час во час, поради што ниту еден лет не е сигурен. „Александар Велики“ е отворен за сообраќај, но се откажуваат летовите до западноевропските земји чиј воздушен простор е затворен за прелети.

На охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ за вчера немаше закажани ни полетувања ни слетувања. По три дена откажување, вчера попладне од Скопје конечно полета авионот за Виена, а без проблеми поминаа и летовите за Љубљана, Загреб и за Истанбул. И по неколку дена застој повторно беа откажани летовите за Прага и за Будимпешта, бидејќи тамошните аеродроми не работат. Вчера не полетаа ни патниците за Диселдорф и Подгорица. Во текот на вчерашниот ден не долетаа авионите од Прага, Будимпешта, Брисел, Дизелдорф и од Виена.За разлика од странските аеродроми, каде што владее огромен хаос, на скопскиот аеродром е мирно.

Нема голема фреквенција на луѓе, а нема ниту патници што спијат во аеродромската зграда во исчекување да им се реализира планираниот лет. Вработените на аеродромот објаснуваат дека повеќето патници однапред се информирани оти летот им е откажан, поради што воопшто не доаѓаат на „Александар Велики“. Дел од нив веќе изнајмиле возила за да отпатуваат до саканата дестинација, а имало и такви што ги искористиле редовните автобуски линии. Вработените велат дека засега не се прават долгорочни прогнози и не се даваат најави за тоа кои летови ќе се одржат бидејќи се’ зависи од ситуацијата во другите земји. И додека во европските земји се бара билет повеќе за автобусите и возовите, се воведуваат дополнителни линии и се додаваат вагони, во Македонија нема драстично зголемување на патниците во автобускиот и железничкиот сообраќај.

Од меѓународната автобуска станица во Скопје објаснуваат дека засега нема потреба да се зголемат редовните линии до западноевропските земји, бидејќи нема толкава побарувачка.- Бројот на патниците минимално се зголеми откако се затворени аеродромите, но не е нешто драстично. Не се бараат дополнителни линии, туку автобусите се нешто повеќе исполнети од вообичаено. Автобусите што заминуваа овој викенд беа релативно полни, односно имаше многу луѓе кои во понеделникот мораше да бидат во некоја од западноевропските земји. Другите на кои патувањето не им е толку итно најверојатно ќе чекаат да се среди ситуацијата со аеродромите – вели Масар Омерагиќ, директор на меѓународната автобуска станица „Скопје“. И од „Македонски железници“ објаснуваат дека нема зголемен интерес за патување со воз, најмногу поради тоа што македонските возови сообраќаат до Грција и дел од поранешните југословенски републики, до каде што сега летаат и авионите.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство вчера соопштија дека од скопскиот аеродром бројот на летовите е намален за половина од вообичаеното за овој период од годината, а за 75 отсто е намален бројот на прелетите. Оттаму објаснуваат дека македонските аеродроми се отворени за сообраќај, со оглед на тоа дека вулканската прашина не стасала до земјава, но оти има откажани летови поради затворените аеродорми во другите земји.- Состојбата будно се следи при што се преземаат сите неопходни мерки. Се’ уште нема најави дека облакот од вулканска прашина може да стигне над Македонија – велат од Агенцијата. (Д.Т.) Авионите се спуштија пониско Според последните информации пред затворањето на весникот, дел од аеродромите во Европа вчера беа отворени за сообраќај, но повеќето само за летови на помала надморска височина.

По долго време, авиосообраќајот малку се нормализира во Австрија, Чешка, Финска, јужните делови на Франција, Унгарија, Латвија, Литванија, Норвешка, Романија, Русија, Словачка, Шпанија, дел од Шведска, Украина и Турција. За сообраќај се’ уште се затворени аеродромите во Белгија, Велика Британија, Босна и Херцеговина, дел од Бугарија, Естонија, Франција, Германија, Швајцарија.