Алфа ТВ, 26.04.2010

 

Еден патнички авион на компанијата „Ирак Ервејз“ слета доцна синоќа на аеродромот Гетвик во Лондон, за прв пат по прекинот на воздушкиот сообраќај меѓу Велика Британија и Ирак, што траеше цели 20 години.

Авионската врска меѓу главните градови на двете земји беше прекината во 1990 година, по воведените санкции на Обединетите нации за тогашниот режим на Садам Хусеин, откако ирачката Армија изврши инвазија на Кувајт.

Обновата на воздушниот сообраќај со Багдад беше најавена уште минатата година, но повеќепати беше одлагана поради безбедносни причини. Обновените летови на „Ирак Ервејз“ кон Лондон требаше да почнат пред девет денови, но овојпат причина за одлагањето беше облакот со вулкански пепел што го блокира авионскиот сообраќај кон британските аеродроми, но и кон добар дел од земјите во западна, северна и средна Европа.

Во авионот што синоќа слета во Лондон се наоѓаа триесетина ирачки и странски патници, меѓу кои и ирачкиот министер за транспорт Амер Абдулџабер Исмаил. Предвидено е да има два лета меѓу Багдад и британскиот главен град кои ќе патуваат преку Малме во Шведска.