МИА, 18.05.2010

 

Американската Влада на Хрватска и предложи да и подари 12 стари авиони „Ф-16“, од составот на американската Национална гарда, за модернизација на хрватската армија, соопшти српското електронско издание на весникот „Блиц“.

Во случај да го прифати подарокот на американската Влада, Хрватска во резервни делови, обука на пилотите и техничкиот персонал, како и за приспособување на хангарите, пистите и инфраструктурата, треба да инвестира околу 300 милиони долари.

Авионите се стари по 20 години, што значи дека можат да летаат уште десетина години. Хрватска, чија воена авијација е во лоша состојба, уште пред една година доби седум понуди за испорака на борбени авиони, од кои избра три. Станува збор за авионите „ЈАС-39“ на шведската компанија „Грипен“, како и за модернизирани верзии на американскиот „Ф-16“, предложени од американскиот концерн „Локид Мартин“ и израелската компанија „Ерспејс индустрис“.

Тогаш на воената авијација и беше дадена можност да ги анализира овие три варијанти, како и понудата на американската Влада, но досега таква анализа не е направена. Според службеници од Министерството за одбрана, ако до крајот на годината не се преземе сериозна одлука, Хрватска може да се прости од својата воена авијација, пишува хрватскиот весник „Јутарњи лист“.

Дополнителен проблем создава и фактот дека „Локид Мартин наскоро ќе престане да ја произведува верзијата на авионот што Американците го предлагаат како подарок, што може да го отежне набавувањето на резервни делови и логистиката. Истовремено, шведскиот „Грипен“ дал понуда за осум авиони „ЈАС-39“ за 220 милиони евра, при што во цената се вклучени и резервни делови и обука на пилотите.

Освен недостигот од исправни авиони, хрватската воена авијација страда и од недостиг на пилоти. Во неа во моментов служат шестмиа пилоти-инструктори и уште осум, обучени да летаат на руски МИГ-ови.