МИА, 19.05.2010

 

Авионот на полскиот претседател Лех Качински, што се урна на почетокот на април во западна Русија, не паднал поради терористички напад, експлозија, пожар или дефект, но во пилотската кабина се наоѓале две лица кои не биле дел од екипажот на леталото, соопшти началникот на Меѓудржавниот воздухопловен комитет, Татјана Анодина.

Истагата покажа дека не се работи за терористички напад, експлозија, пожар или дефект, изјави Анодина при презентирањето на сознанијата на техничката комисија што ги испитува причините за авионската несреќа на полскиот авион. Таа истакна дека авионските мотори работеле до моментот додека авионот не удрил во земјата. Анодина изјави дека идентификацијата на гласовите на лицата кои не припаѓале на екипажот на авионот, а се наоѓале ви пилотската кабина, ја отежнува фактот што вратата од кабината при слетувањето на авионот била отворена.

Гласот на еден од нив е идентификуван. Полска треба уште да утврди на кого му припаѓа гласот на другата личност, нагласи Анодина. Шефот на техничката комисија што ја води истрагата, Алексеј Морозов нагласи дека полскиот авион, како и навигациските и инжинерските системи на аеродромот во Смоленск, во чија близина се случи несреќата, биле целосно исправни. Морозов изјави дека екипажот на полскиот авион редовно давал известувања за временските услови во областа на аеродромот Смоленск.

Во авионската несреќа што се случи на 10 април загинаа 96 лица, меѓу кои и полскиот претседател Качински, неговата сопруга и повеќеи високи полски функционери, кои патуваа во Русија на комеморацијата по повод злосторствата во Катинската Шума, кои се случиле во пролета 1940-та година кога советската тајна полиција стрелала 22.000 полски воени заробеници.