МИА, 20.05.2010

 

Серија од три штрајкови од по четири денови, на дел од персоналот во авионската компанија „Бритиш Ервејз“ (БА), ќе почне на 24 мај со првиот штрајк, откако апелациониот суд во Лондон денеска ја отфрли забраната што претходно ја наложи основниот суд.

Во образложението на апелациониот судија се вели дека се почитувани законите и правилата при донесувањето решение за штрајк, што беа главната причина судијата во првата постапка да го блокира штрајкот закажан за 18 мај, неколку часови пред вработените како кабински персонал на БА да запре работата, јави дописникот на МИА од Лондон.

Претставник на синдикатот „Унита“ ја поздрави оваа судска одлука, објаснувајќи дека сега нема пречки да се оддржат другите штрајкови до крајот на овој и на почетокот од идниот месец. Тој меѓутоа, рече дека синдикатот е подготвен за нови преговори и за изнаоѓање решение со управата на компанијата. Повеќе од 15 месеци БА и синдикатот водат „битка“, околу новите договори на команијата и луѓето вработен и како помошен персонал во кабините на авионите, за платите и за условите за работа, но без успех и без изгледи да се најде решение. Претставник на „Бритиш Ервејз“ рече дека жали што судот дозволи деблокирање на забраната за штрајкување, изразувајќи надеж дека повеќето од вработените нема да штрајкуваат од понеделник и ќе продолжат да доаѓаат на работа.

Двата штрајка во тект на март годинава предизвика големи проблеми во редот на летањето на БА и пореметување за стотици илјади патници. „Бритиш Ервејз“ и покрај успешното блокирање на првиот штрајк што требаше да почне на 18 мај, не успеаја оваа недела да воспостават нормален ред на своите летови, затоа што претходно веќе направија детален план за одржување на сообраќајот во „вонредни услови“. Според БА, тоа не можеше да се измени уште повеќе што синдикатот веќе имаше најавено уште три други штрајкови.