МИА, 07.06.2010

 

Анкара, 7 јуни 2010 (МИА) – Генералштабот на турската армија денеска соопшти дека на меѓународната воена вежба што се одржува во Турција нема да учествува Израел.

Меѓународната воена вежба „Анадолски орел“ денеска почна во воената база на турското воздухопловство во округот Конија, Централна Турција и ќе трае до 18 јуни.

Во вежбата учествуваат воени авиони на Турција, на САД, на Обединетите Арапски Емири, на Италија, на Шпанија и на НАТО. На Израел не му беше дозволено учеството и во минатогодишната воена вежба во знак на протест за израелската воена операција во Појасот Газа.

Прелетите над турскиот воздушне простор имаат големо значење за израелските воени пилоти, бидејќи тие немаат можност за големи тренажни прелети над Израел. Одлуката на Анкара, Израел да биде исклучен од воената вежба уследи по нападот на 31 мај врз хуманитарниот конвој во Средоземно Море, кој патуваше за Појасот Газа.

Турската телевизија НТВ објави дека Анкара ги поништи сите воени договори со Израел. Турција и Тел Авив имаат договор за соработка во областа на одбраната и на воената индустрија. ми/14:14