Алфа ТВ, 08.06.2010

 

Отказите на дел од вработените во новата авиокомпанија „МАТ Ервејс“ се резултат на изгубената сезона, вели генералниот директор Новица Вулиќ.

Неколкумесечниот застој во процедурата за добивање дозвола од македонските воздухопловни власти, според директорот, им ги уништил плановите за оваа летна сезона. Сега, иако дозволата треба да стигне до крајот на неделата, „МАТ Ервејс“ ќе работи со намален број вработени.

Според најавите од Агенцијата за цивилно воздухопловство, потпис на дозволата ќе стави в.д. директорот Зоран Крстевски, и покрај тоа што тој е во оставка веќе две недели. Така, Крстевски треба да дозволи македонска компанија да го користи авионот Боинг 737-500, што пред тоа го користеше националниот авиопревозник МАТ. Токму дефектот на носната нога на овој ист авион беше повод АЦВ да му ја одземе дозволата на стариот МАТ.

Директорот Вулиќ вели дека авионот е во одлична состојба, а тоа го покажале и контролите од АЦВ. Вулиќ повторно, во име на „МАТ Ервејс“, негира дека компанијата има каква било врска со поранешниот сопствнеик на МАТ, Златко Крстевски.„МАТ Ервејс“е во сопственост на српскиот туроператор „Кон Тики“, а во Македонија и во регионот ќе оперира како чартер компанија за превоз за аранжманите на матичната агенција.