26.06.2010

 

Скопје, 26 јуни 2010 (МИА) – Македонија има сериозен бран на инвестиции од Турција што почнуваат да се реализираат или се најавени да почнат, изјави премиерот Никола Груевски по поставувањето камен-темелник за изградба на објект на приватната специјална очна болница „Европа“ во месноста Јурија, во населбата Ѓорче Петров во Скопје.

Освен изградбата на очната болница, Груевкси информира дека компанијата „Џевер“ најавила инвестиција не помала од 150 милиони евра за изградба на четири 40 катници во општината Аеродром, со трговски центри во наредните четири до шест години.

– Компанија „ТАВ“ влезе со иневстиција од над 150 милиони евра за реконструкција на двата аеродроми и изградба на нов карго аеродром. Турски инвеститор ја купи и фабриката за производство на лепила „Белене“ во Берово што беше во рамките на „Охис“. Треба да почне градба на комапнија за експлоатација на мермер во околината на Прилеп, а во најава се изградба на цементарница, фабрика за производство на храна и прехранбени продукти, како и најавената инвестиција на „Шише Џам“ што се надеваме дека кон крјаот на ова година или почетокот на следната ќе почне да се реалзиира, рече Груевски. Тој посочи дека компанијата „Шише Џам“ врши подготовки, мерења и истражувања поврзани со разни репроматеријали и минерали, места каде ќе може да се стационира фабриката.

Проблематично е да биде во Бунарџик, додаде, бидејќи висината на оџаците не може да биде толкава заради близината на аеродромот. Прашан за коментар за последните статистички показатели, од една страна оптимизмот кај менаџерите, а од друга поразителни бројки во првиот квартал, Груевски рече дека економските движења се резултат на продолжената рецесија во Европа, но и оти има и оптимистички движења што укажуваат за подобрување на целата економија. – Падот од 0,9 отсто на бруто домашниот производ е резултат на продолжената рецесија или како што некои аналитичари го нарекуваат ефекти од продолжената рецесија.

Ние преземавме многу мерки што даваат резултати и ќе ги даваат, и понатаму ќе продолжиме со преземање мерки. Добро е што бизнисмените имаат еден оптимизам што сигурно го градат на база на своите бизнис очекувања на нивните контакти, од тој аспект тоа е добро, но уште поважно е што следниот период имаме зголемување на извозот што дава надеж дека понатаму работите ќе се придвижат во доабр правец, а во последно време има зголемување и на увозот што е добро бидејќи кога увозот расте тоа е сигнал дека ќе имаме поголемо производство. Растот на увозот во најголем дел е на работи што ќе ја придвижат економијата во наредниот период, појасни премиерот Груевски.

На новинарско прашање дали Владата ќе продолжи со изградбата на станови за социјално ранливите категории, тој рече дека предвидена е изградба на уште 16 нови згради со 2.500 станови, кои треба да се завршат до 2012 година. – Бројката од 2.500 станови навистина е најголемиот и најобемен проект на државата за изградба на социјални станови и станови за ранливи категории на граѓани.

Свесен сум дека побарувачката е многу поголема од тоа што се гради, но се работи за многу голема инвестиција, како никогаш досега и сите оние што досега не успеале да добијат сакам да најавам дека ќе почнат да се градат уште 16 згради. Некои од нив треба да почнат да се градат оваа година, а до 2012 ќе го завршиме целиот проект со вкупно 2.500 станови кои ќе бидат доделени на социјални категории на лица, рече Груевски. Тој најави дека неодамна е склучен договор со банката за развој при Советот на Европа, која по исклучително поволни услови го подржува проектот, така што бројката од 2.500 станови треба да биде надмината, со што ќе им се даде множноста на многу граѓани да дојдат до остварување на она што многу им е потребно. сс/цр/17:04