МИА, 29.06.2010

 

Лондон, 29 јуни 2010 (МИА) – Една од стјуардесите на јужноафриканската авионска компанија „Саутафрикан Ервејз“ (САА) е уапсена во Лондон под сомнение дека шверцувала кокаин во Велика Британија.

Стјуардесата чиј идентитет не е соопштен е уапсена на најголемиот лондонски аеродром „Хитроу“, јави дописникот на МИА од Лондон. Претставик на британската полиција изјави дека стјуадесата е затворена откако при редовниот преглед кај неа се најдени три килограми од оваа дрога, прилепени за нејзиното тело.

Веднаш по инцидентот, Управата на авионската компанија издаде соопштение во кое објаснува дека САА постојано се консултира со сопствената служба за обезбедување, со полицијата на Јужна Африка, како и со Интерпол, во настојувањето да се спречи членовите на нејзините авионски екипажи илегално да пренесуваат и да шверцуваат дрога.

Овој инцидент со „Саутафрикан Ервејз“ не е прв, па во Лондон е најавено дека во иднина ќе се врши детална контрола на куферите на членовите на посадите на авионите, исто онака како што се претресуваат и куферите на патниците. ти/ссм/9:32