МИА, 08.07.2010

 

Анкара, 5 јули 2010 (МИА) – Американскиот Конгрес не гледа благонаклонето на барањето на Анкара да купи од САД беспилотни авиони поради односот создаден кон Турција по нејзиното гласање во Советот за безбедност на ОН против наложувањето нови санкции врз Иран поради неговата нуклеарна програма, пишува денеска „Милиет“.

Весникот открива детали за средбата меѓу американскиот претседател Барак Обама и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Торонто, каде двајцата беа на средбата на врвот на Г-20 на крајот на минатиот месец. Тет-а-тет средбата била најразочарувачка средба со американски претседател во осумгодишното владеење на Ердоган, а нивните заемни симпатии биле на најниско ниво, коментира весникот.

Во разговорот Обама упатил критики кон Турција поради нејзиното гласање во СБ на ОН и побарал од неа да го омекне пристапот кон Израел, по нападот од 31 мај на израелски командоси врз меѓународната флотила со хуманитарна помош за Газа. Создадената негативна атмосфера во САД кон Турција по нејзиното гласање во Советот за безбедност на ОН пак, правела неповолни претпоставки за продажбата на Турција на беспилотни летала „Предатор“. Анкара бара да купи од Вашингтон шест такви авиони. нд/16:43