МИА, 20.07.2010

 

Москва, 19 јули 2010 (МИА) – Авионот на полскиот претседател Лех Качински, кој се урна на 10 април, полетал од Варшава без да добие метеоролошка прогноза и информација за времето на аеродромот кај Смоленск, соопшти Меѓудржавната авијациска комисија.

Во соопштението на комисијата се наведува дека недостатоци, како немање податоци за метеоролошката состојба на аеродромот каде што треба да се слета, се забележани и при летовите од Варшава на 7 април. техничката комисија, која врши истрага за несреќата на претседателскиот авион Ту-154 во близина на Смоленск, ја завршила анализата на метеоролошката состојба и метеоролошкото обезбедување на летот.

Временските услови на аеродромот „Северниј“ во близина на Смоленск не биле поволни за слетување, поради што екипажот повеќе пати бил предупредуван од службениците во контролата за летање и од полскиот екипаж на авионот Јак-40, кој претходно се приземјил на истиот аеродром. Организацијата за метеоролошко набљудување на аеродромот „Северниј“ во Смоленск дозволила екипажот да биде навремено информиран за влошувањето на временските услови, се наведува во соопштението на комисијата.

Метеоролошките услови на аеродромите во Минск и Москва дозволувале да се изврши безопасно слетување. Во авионската несреќа кај Смоленск на 10 април загина полскиот претседател Лех Качински, како и целата делегација од високи полски претставници, вкупно 96 лица, од кои 88 патници и осум член екипаж. Сите тие заминаа за да присуствуваат на комеморативната церемонија во Катин по повод годишнината од стрелањето на полски офицери во 1940 година. гс/19:53