МИА, 29.07.2010

 

Скопје, 28 јули 2010 (МИА) – Командантот на КФОР генерал полковник Маркус Бентлер денеска на воениот аеродром во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, на министерот за одбрана Зоран Коњановски му ги предаде клучевите од три објекти кои досега ги користеше КФОР, меѓу другото за операции за авионско набљудување.

Командантот на КФОР Бентлер, во присуство на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Високиот воен претставник на НАТО бригадниот генерал Давид Хумар, оценувајќи дека Косово сега е стабилен регион, подвлече оти операцијата за авионско набљудување од југот кон северот во изминатите години им обезбедила значаен капацитет за увид и можност за реагирање во итни ситуации.

Министерот Коњановски нагласи дека Македонија има принципиелен став за поддршка на НАТО – партнерите, укажувајќи и на учеството на мировниците од АРМ во мисиите ИСАФ во Авганистан, Алтеа во Босна и Херцеговина и мисијата во Либан. Со силите на КФОР беа разменувани одредени податоци, рече тој, кои беа од исклучително значење за градењето на безбедноста во регионот.

– Овие се клучеви на соработка, со кои ги отворавме нашите визии кон Алијансата. Во овој момент не може да се прецизира за што ќе се користат овие објекти, но секако ќе се развиваат проекти во МО за кои ќе можат да се искористат, изјави Кoњановски.

Тој потенцира дека Македонија од 2005 година учествува во штабот на НАТО преку Координативниот центар за логистичка поддршка, како земја која не е членка на Алијансата. Министерката Јанкулоска потенцираше дека за Македонија членството во НАТО е врвен стратешки приоритет во надворешната политика, посочувајќи оти е започнат 12 – от циклус на Акциониот план за членство, а во тек е подготовка на Годишната национална програма за членство во Алијансата за 2010-2011 година.

Во рамки на соработката на МВР со КФОР, Јанкулоска меѓу другото ја спомена соработката на полето на граничната безбедност, која се реализира преку одржување редовни средби на регионално и локално ниво, како и координирани патроли. – Во сите успешни акции против екстремистичките групи кои претставуваа закана по регионот, македонската полиција ја имаше поддршката на НАТО и подготвени сме и во иднина заеднички да демоснтрираме дека нема да се толерира никакво насилство или криминал, рече во оваа прилика министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. цр/са/13:44