Дневник, 03.08.2010

 

Најголемата британска авионска компанија „Бритиш ервејс“ (БА) соопшти дека во вториот квартал од годинава има забележано загуба од 164 милиони фунти, јави дописникот на МИА од Лондон.

БА и во минатата година имаше финансиски проблеми и загуби,поради што е најавена обемна стабилизациска програма што засега не ги дава посакуваните резултати. Како причина за најновите загуби се посочуваат серијата штрајкови на дел од кабинскиот персонал на компанијата и вулканскиот облак од Исланд, чија опасна прашина целосно го запре работењето на БА во текот на април, кога од безбедносни причини една недела беше блокиран воздушниот простор над Велика Британија, а сите авиони беа приземјени.Соопштението за продолжување на финансиската криза во „Бритиш ервејс“ доаѓа во време кога се вршат подготовки за спојување на оваа британска компанија со најголемиот шпански авиопревозник „Иберија“.

Шпанците имаат рок до 30 септември да ги испитаат сите услови за интегрирањето, но во Лондон се стравува дека новите загуби кај БА би можеле да ги одвратат од веќе договореното спојување на овие две компании.Штрајковите со кои се соочува „Бритиш ервејс“ почнаа уште во минатата година, кога компанијата најави нови услови за работа, наградување и пензионирање, со цел да се обезбеди стабилизација и елиминирање на загубите.Синдикалната унија „Унита“ не ги прифаќа предлозите на управата на компанијата, поради што во оваа година цели 22 дена имаше штрајкови.

Минатата недела „Унита“ го отфрли и најновиот предлог на менаџментот на БА за постигнување договор, што ја отвора можноста за уште нови штрајкови на дел од персоналот во кабините на авионите на „Бритиш ервејс“. #