МИА, 03.08.2010

 

Скопје, 30 јули 2010 (МИА) – Во јуни годинава Македонската контрола на летање – М-НАВ регистира зголемување на бројот на наплатни единици од прелетите за 6,2 отсто во однос на истиот период од минатата година, покажуваат податоците на Еуроконтрол. Зголемувањето е поголемо и од европскиот просек кој за јуни изнесува 5,1 отсто. Македонскиот воздушен простор во јуни го прелетаа 13.386 воздухоплови што е апсолутен рекорд за овој период од годината. Позитивниот тренд од јуни продолжува и во текот на јули во кој според статистиката до 25-ти овој месец се очекува да се одржи истиот интензитет на зголемување на бројот на прелети како во јуни. Прогнозите до крајот на годината се дека во нормални услови ќе бидат забележани рекордни резултати во бројот на прелети на нашето небо. – За само еден месец во текот на јуни надминати се негативните ефекти од огромната криза предизвикана од облакот со вулканска прашина и комплетното приземјување на воздушниот сообраќај во период од една недела во април и значителните редуцирања на летовите во Европа предизвикани од кризата кои траеја се до 20 мај, како и последиците од честите штрајкови на контролата на летање во соседна Грција, посочуваат од М-НАВ и додаваат дека операциите со локалниот воздушен сообраќај на аеродромите во Скопје и Охрид се со двоцифрени процентуални показатели за зголемување. Од М-НАВ истакнуваат дека во екот на летната сезона кога обемот на работа е со најголем интезитет во контролата на летање, а бројот на воздухопловни операции е со три пати зголемен обем во однос на зимскиот период од годината, сите човечки и технички ресурси во М-НАВ работат со максимален капацитет и најпрофесионално ги извршуваат сите оперативни работни задачи. – Истовремено домашните експерти во соработка со експертите од Еуроконтрол интензивно работат на подготовките на техничките спецификации за идниот нов систем за контрола на летање, како и имплементацијата на резервните системи, процеси кои се исклучително комплексни со оглед на потребите за обезбедување на ниво на безбедност и функционалности кои се во согласност со сите строги релевантни меѓународни стандарди, се вели во соопштението од М-НАВ. Со имплементацијата на новиот систем, која се предвидува да отпочне по 2012 година, се планира Македонската контрола на летање уште повеќе го подобри квалитетот на услуги.вј/скс/13:32